1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

На Европа и‘ треба долгорочна стратегија за Белорусија

20 март 2006

Изборите во Белорусија не беа ни фер, ни демократски, но тоа не го оспорува фактот дека Претседателот Лукашенко ужива широка поддршка меѓу населението – смета Корнелија Рабиц, автор на следниот коментар.

https://p.dw.com/p/Ae33
Белорусин со знамето на ЕУ на протестниот митинг во Минск
Белорусин со знамето на ЕУ на протестниот митинг во МинскФотографија: AP

Александар Лукашенко останува на власт. Таквиот изборен резултат никого не го изненади. Тој успеа да го постигне посакуваниот резултат по пат на личен ангажман и со помош на моќната тајна служба на земјата. При тоа за време на т.н. изборна кампања масовно беа апсени политичари на опозицијата, мирни демонстранти беа претепувани, а независни новинари обвинувани за криминал. Згора на тоа, Лукашенко беше присутен на секаде во медиумите и во јавноста, додека неговите против кандидати во услови на цензура и репресија имаа многу тешка задача да и‘ се претстават на јавноста како соодветна политичка алтернатива.

Од таа гледна точка шесте проценти на кандидатот на опозицијата Александар Милинкевич треба да се оценат како завиден успех. Наспроти сите шиканирања, тој продолжи да се залага за демократска промена во Белорусија, да патува низ целата земја и да разговара со многу луѓе. Тоа му донесе углед како во земјата, така и на меѓународен план, па Милинкевич имаше прилика да оствари многубројни контакти и во Брисел, Стразбур и Берлин. Западот стекна доверба во него дека може да биде фигура на интеграција за независните сили во Белорусија во насока на европска интеграција.

Победникот Александар Лукашенко сега ќе може и понатаму да владее со земјата и тоа не само како последица од раширените изборни манипулации и нефер изборната кампања. Западот мора да сфати и прифати дека мнозинството од граѓаните на Белорусија во моментов не сакаат промена во насока на демократски односи. Демократијата таму се смета за опасен експеримент со нејасен исход. Многумина Белоруси се плашат од хаос, распаѓање на државата и социјални превирања. Поглед на состојбите во соседна Украина лесно ги потврдува ваквите сомневања, а и белоруските медиуми вложуваат големи напори за да го поттикнуваат таквото расположение.

Од друга страна, економската состојба е стабилна, иако на релативно ниско ниво. Во тоа помага и се‘срдната поддршка од Русија. И тоа оди како позитивен поен на сметката на Претседателот Лукашенко. Тој со своите 51-една година, со спортскиот изглед и моќ успеа да ја зацементира владеачката позиција. И секако не му паѓа на памет да се откаже од неа. Така во непосредното соседство на ЕУ се создаваат општествени структури, што потсетуваат на оние во Северна Кореја. И токму затоа Европа и САД мораат да сфатат дека увозот на револуција од надвор во Белорусија не помага. Што не значи дека на западните демократии им се врзани рацете. Тие можат да го изолираат Лукашенко и неговата влада со рестриктивен визен режим. Можат да поканат студенти на гости, да создадат програми со стипендии, да ги поттикнуваат граѓанските иницијативи и независните проекти во медиумите. Европа во секој случај мора да се подготви на дологорочна стратегија, бидејќи за промените во политичката свест во Белорусија е потребно време!