На Блискиот Исток повторно врие
21 август 2011Палестинските милитанти повторно со Касам ракети го гаѓаа јужен Израел. Повеќе проектили притоа завршиле во градот Ашкалон, соопшти израелската армија. Вчера пак во градот Бершеба при експлозија на една од 50-те ракети испукани од Појасот Газа загина еден Израелец, а 15 други беа повредени.
Одговорноста за нападот ја презеде вооруженото крило на палестинската радикална организација Комитет за народен отпор. Според Израел оваа група е одговорна и за нападот врз израелски возила и автобуси во четвртокот во близина на одморалиштето на Црвеното Море Еилат кој предизвика нова спирала на насилство во регионот.
Блискоистичниот квартет предупредува од ескалација
Израел на него одговори со одмазднички воздушни напади во Појасот Газа, а милитантните Палестинци со ракетни напади врз јужен Израел. Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во текот на ноќта за актуелната ситуација се советуваше со највисоки претставници на армијата, а покрај тоа Израел се закани со копнена офанзива во Појасот Газа. Израелски војници уапсиле и 120 членови на радикалното палестинско движење Хамас во јужниот дел на Западниот брег.
Т.н Блискоисточен мировен квартет пак предупреди од ескалација на насилството во регионот и ги повика двете страни на воздржаност. Оваа меѓународната посредничка група сочинета од претставници на ОН, ЕУ, САД и Русија ги осуди четврточните напади во Израел и говореше за тероризам со предумисла.
Каиро: Извинувањата од Израел се недоволни
Од друга страна во Египет пак продолжуваат демонстрациите поради убиството на пет припадници на безбедносните сили од страна на израелските војници за време на потерата по атентатори од Еилат, кои пребегале преку границата кон Египет.
Овој пограничен инцидент предизвика сериозни тензии во односите меѓу двете соседни земји. Египетската влада најнапред донесе одлука да го повлече својот амбасадор од Израел, а потоа ги отфрли како недоволни изразените жалења од Израел за убиените петмина египетски погранични полицајци во четвртокот.
„Израелската позиција беше само површински позитивна, но не беше пропорционална со сериозноста на она што се случи и на гневот на египетскиот народ во однос на израелските активности“, се вели во соопштението на египетската влада.
Автор: СН/ АТ/ дв/ ртр/ дпа/ миа
Редактор: Александра Трајковска