1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

На бизнисмените не им се битни границите

30 август 2010

Две децении по распадот на СФРЈ, воените рани во поранешните југословенски републики се’ уште не се во целост зараснати, што ги оптоварува меѓудржавните односи и го забавува процесот на соработка.

https://p.dw.com/p/Ob7b
Парите повторно го вртат Балканот...Фотографија: BilderBox

Државите во кои интензитетот на воените судири беше помал или воопшто ги немаше подобро го поднесуваат наследството на воените безредија, додека бившите југословенски републики, во кои се разви силна перцепција на победник, како што се Словенија и Хрватска, полесно ја конструираат и негуваат својата историска наратива, вели во коментарот за Дојче веле Денис Грац, доктор по политички науки:

„Фактот дека Хрватска сама се ослободи, односно дека извојува највпечатлива воена победа за време на југословенските војни во 90-тите години, наголемо влијае врз односот на власта и општеството кон војната и воените рани. Во таква атмосфера е полесно да се поднесат, но и да се потиснат воените злосторства кои беа придружна појава на сите воени судири на просторот на бивша Југославија“, вели доктор Грац.

Тој истакнува дека во државите во кои се направени воени злосторства во голем обем и системски, како цел и метод за реализирање на воените цели (создавање етнички хомогенизирани републики, геноцид врз Бошњаците во Босна и Херцеговина) уште нема консензус околу начинот на кој општеството треба да се однесува со крвавото минато.

Мора да се соработува

И покрај воените рани, поранешните југословенски републики тежнеат кон Европската Унија, а процесите на европска интеграција налагаат меѓусебна соработка, чии контури се наѕираат дури по изборот на Иво Јосиповиќ за претседател на Хрватска. „Голем исчекор во однос на поранешниот период е соработката во областа на правосудството, посебно во борбата против прекуграничниот криминал, во што предничат Хрватска и Србија“, вели за Дојче веле Тања Топиќ, политички аналитичар од Бања Лука.

Tanja Topic Politikexpertin
Тања Топиќ: Голем исчекор има посебно во соработката во борбата против прекуграничниот криминалФотографија: DW

„Хрватска им ги даде на БиХ и на Србија сите преводи потребни за влегување во ЕУ во делот на усогласувањето на законите и прописите, што беше великодушен и добар гест“, вели Топиќ. Меѓутоа, таа предупредува дека најголеми проблеми во нормализацијата се врзуваат за БиХ. „Секој исчекор што ќе се направи во оваа насока, посебно на релација БиХ - Србија, се дочекува ’на нож‘, оптоварен е од фрустрации и неможност за излегување од маѓепсаниот круг“, истакнува Тања Топиќ, потсетувајќи на реакциите во Република Српска по Истанбулската декларација.

Косово и БиХ - балкански рак-рани

„Соработка воопшто нема меѓу оние држави, кои уште не воспоставија дипломатски односи (Косово - Србија) или чии односи уште се оптоварени со војната и нивните улоги во неа (Србија - Босна и Херцеговина), посебно во поглед на признавањето на воено обесштетување, на организирањето на агресијата, преземањето одговорност за сторените воени злосторства, меѓусебното израчување на обвинетите и осомничените, меѓу нив и генералот Ратко Младиќ и претседателот на таканаречената Српска Краина, Горан Хаџиќ“, истакнува доктор Денис Грац.

Hände schütteln
Соработка воопшто нема меѓу оние држави, кои уште не воспоставија дипломатски односи, констатира доктор ГрацФотографија: dpa

Тој потсетува дека националистичките партии се главни фактори на опструирање на напредокот во меѓунационалните и меѓудржавните односи. Грац истакнува дека националистите „не се само катализатори на воените судири во регионот, туку и нивни агрегати“. „Тоа не е никаде појасно видливо, отколку во постдејтонска БиХ, во која токму националистичките партии, со својата изразито деструктивна и шовинистичка политика, оневозможуват надминување на кризата и општ економски, општествен, па и културен напредок“, вели доктор Грац.

„Меѓусебната соработка на поранешните југословенски републики во процесот на европска интеграција е поизразена меѓу стабилните држави, додека во оние кои се’ уште го носат епитетот на „failed state", како што се БиХ и Косово, ни не постои политика на евроатлантска интеграција во контекст на заеднички меѓудржавни напори“, вели Грац. Тој, меѓутоа, потсетува и на примерот на блокирање на Хрватска од страна на Словенија поради нерешено гранично прашање, „што покажува дека државите од просторите на бивша Југославија уште колку можат да си го отежнат влегувањето во ЕУ“.

Соработката е можна и без поттик од ЕУ

Доктор Грац тврди дека соработката меѓу државите настанати со распадот на СФРЈ е можна и без поттикот (или присилата) од меѓународната заедница. „Ние не бевме само жители на една држава, туку споделувавме и заедничка култура, јазик, па и поглед на светот. Нашите општества се длабоко испреплетени со судбините, потребите, па и со заедничкото минато. Без да призивам некаква стара, сентиментална Југославија, јас секаде во бившата СФРЈ се чувствувам добредојден“, вели доктор Грац.

Proteste in Sarajevo Anreise mit dem Bus
Каде и да одам во бившата СФРЈ, секаде сум добредојден, вели ГрацФотографија: DW

Доктор Милош Шолаја, директор на Центарот за меѓународни односи од Бања Лука, смета дека „разликите во политичката и економската развиеност со кои се влезе во постсоцијалистичката традиција, војните кои ја уназадија економската и социјалната развојна основа, непочитувањето на правото и политичкиот систем, како и корупцијата“, се оптоварувања кои попречуваат посилна регионална соработка.

Доктор Шолаја тврди дека регионалните иницијативи се „значително формализирани, со слаби инфраструктури и недоследно спроведени или лошо финансиски поддржувани, поради што не се особено ефикасни“. Директорот на бањалучкиот Центар за меѓународни односи исто така верува дека „низ дејствувањето на регионалните иницијативи се огледува и влијанието на меѓународните политички актери, големите сили и непосредните соседи, што влијаеше за промена на фокусот на поставените цели и го намали интензитетот на соработката“.

Наместо либерална демократија - гола борба за власт

Според мислењето на Шолаја, земјите во регионот повеќе се објект, отколку субјект на меѓународната политика:

Congress on European Security & Defence in Berlin
Милош Шолаја: Земјите во регионот повеќе се објект, отколку субјект на меѓународната политикаФотографија: DW

„Затоа процеси како предизборно јакнење на националните чувства, формализација на борбата против криминалот и корупцијата и недоследните развојни концепти, овозможија да се одржат на власт старите политички елити, но и да се создава привид за посилна регионална соработка пред меѓународната заедница“, вели Шолаја.

Тој истакнува дека глобалните економски проблеми и политички односи веќе не се толку погоден амбиент за локални политичко-економски манипулации, па е реално да се очекува дека тој притисок ќе поттикне унапредување на соработката. Веќе има некои навестувања, вели директорот на бањалучкиот Центар за меѓународни односи, додавајќи дека е неопходно посилно ангажирање на социјалната енергија, што нема да оди лесно во државите кои уште не се поставени врз темелите на политичката филозофија и вредностите на либералната демократија, туку повеќе остануваат гола борба за власт.

Колку добро се јадеше (и пиеше) порано

Во поранешните југословенски републики, 20 години по распадот на СФРЈ, веќе речиси и не се размислува за тоа колку добро се живееше во Титова Југославија. Виновници за распадот, барем во Србија, веќе не се бараат, тврди Александар Бечиќ, уредник во белградскиот дневен весник „Курир“, истакнувајќи дека „веќе не се бројат мртвите, туку се бројат пари, а на стопанствениците одамна не им се битни границите“.

Kroatien Küstenstraße
На пат кон нови регионални односиФотографија: picture-alliance / dpa

Што се однесува до српските политичари, сега сите зборуваат за помирување и европски интеграции. „Кога слушате такви реченици од устите на донеодамна жестоките радикали Александар Вучиќ и Томислав Николиќ, просто се прашувате да не дошло во Србија до колективно просветување“, вели уредникот на „Курир“.

„Во светлина на новите регионални односи, Србите ова лето радо одат на море во Хрватска, без страв дека некој ќе им ги дупне гумите или ќе им го упропасти автомобилот“, вели Бечиќ. Но, тој напоменува дека српските стопанственици би сакале и загрепскиот пазар да им е ним еднакво наклонет. „И Сараево е омилена дестинација, како за обичните луѓе, исто така и за бизнисмените“, вели уредникот на весникот „Курир“.

Автор: Самир Хусеиновиќ / Зоран Јордановски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска