1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Најтешки меѓуетнички судири на Косово откако е под протекторат на ОН

18 март 2004

-Ноќта на Косово мина мирно, но ситуацијата и натаму е напната. 18, според некои агенции и до 20 загинати, преку 200 ранети, меѓу нив и 18 војници на Кфор - тоа е билансот на вчерашните безредија кои започнаа во Косовска Митровица, а се проширија и во други делови на Косово.

https://p.dw.com/p/AcOv
Во Косовска Митровица ноќта помина без инциденти, почитуван е полицискиот час кој стапи на сила во 19 часот. Во селата и приградските населби на Митровица Србите се организирале и чувале стражи за да спречат евентуален напад. Ситуацијата до длабоко во ноќта беше затегната во Чаглавица кај Приштина, каде живеат околу илјада Срби. Таму вчера во пресметките со меѓународната полиција, која се обиде да го запре налетот на повеќе илјади Албанци, се убиени три лица и запалени десетина српски куќи. Американски војници во текот на ноќта без употреба на оружје ги потиснале Албанците во насока кон Приштина. Во вчерашните судири таму се ранети и најмалку десетина војници на Кфор. Три лица во текот на ноќта се убиени и во Гњилане, а било пукано и во околината на Липљан. Запалени се српски куќи и во други места на покраината, како и православни верски објекти во Призрен и околината и во Косово Поле. Меѓународната полиција евакуираше Срби од Приштина во Грачаница. Безредија имало и во Урошевац, Ораховац и Ѓаковица.

Портпаролот на УНМИК Дерек Чепел во изјава за агенцијата ДПА како особено тешка ја опиша ситуацијата во Косово Поле и Чаглавица. За австриската државна телевизија ОРФ Чепел оцени дека било очигледно оти вчерашните насилства на Косово биле однапред планирани и координирани. Командантот на Кфор, германскиот генерал Холгер Камерхоф, ја одби понудата за соработка на Кфор со српските оружени сили за средување на состојбите. Министерот за одбрана на Србија и Црна Гора Борис Тадиќ рече дека единиците на војската се подготвени да учествуваат во заштитата на Србите на Косово со почитување на Резолуцијата 1244 и во договор со Кфор. Непосреден повод за инцидентите беше веста дека две албански деца се удавиле во водите на Ибар, а трето се води како исчезнато, наводно затоа што биле гонети од Србите како одмазда за нападот врз српски младинец ден пред тоа во Чаглавица.

Претседателот на Косово Ибрахим Ругова вчера ги повика граѓаните на смиреност, а таков апел упати и косовскиот премиер Бајрам Реџепи.