1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Најстариот тинејџер: Мик Џегер слави 70-ти роденден!

Јирген Брендл/ Марта Таневска26 јули 2013

Рокенрол легендата Мик Џегер, денеска полни седумдесет години. Како изгледа животниот пат на пејачот на Ролинг Стоунс? И како неговиот бенд стана светски феномен? За ова во освртот на најважното од неговата кариера.

https://p.dw.com/p/19EaJ
Фотографија: Getty Images

Според легендите, Мик Џегер и Кит Ричардс се сретнале на железничката станица во Дартфорд, во областа Кент. Тоа се случило во 1961 година - Мик имал 18, а Кит 17 години. Џегер со себе носел грамофонски плочи па така започнале разговор за музика. Веќе следната 1962 година се појави бендот Ролинг Стоунс.Всушност, Џегер и Ричардс веќе се познавале, и двајцата се од Дартфорд и оделе во истото основно училиште. „На почетокот бевме блуз музичари, кои им свиреа на студентите“, се присетува Џегер.

Тоа брзо се сменило. Стоунс го најдоа својот сопствен звук, а харизмата на Џегер на сцената заедно со единствените рефрени на Кит Ричардс, му дадоа на бендот нешто неповторливо. Статусот на лоши момци се потврди за сите времиња кога Мик Џегер заедно со колегите од бендот, Брајан Џонсон и Бил Вајман, се фатени како уринираат зад ѕидот на бензинсика пумпа. Таа 1965 членовите се казнети за нарушување на јавниот ред и мир. Набрзо потоа, песната "I can get no satisfaction", која заедничи ја напишаа Џегер и Кит Ричардс стана химна на целата генерација.

Бунтовник или бизнисмен

Имиџот на Стоунс беше одлично прифатен од публиката. Всушност, тоа беше добар потег, со оглед на тоа што Битлс веќе го заземаа местото на добри момци на британската музичка сцена. За имиџот на бунтовници, во добар дел е заслужен Мик Џегер. Тој во бендот истовремено важел и за добар стратег и харизматичен пејач, кој постојано ги навредувал општествените норми. Колку од неговото бунтовништво било глума? На тоа најверојатно не може ни тој сам да одговори. „Не верувам дека себе си се сметавме за бунтовници. Бевме само тинејџери кои ги следеа трендовите во тоа време“, вели тој.

Fans beim Konzert der Rolling Stones in Münster
Публиката на првиот настап на бендот, во Минстер, реагирала еуфоричноФотографија: picture-alliance/dpa

Бендот во Германија прв пат дошол во 1965 година. Публиката на нивниот прв настап во Минстер, реагирала еуфорично, а концертот во Берлин заврши со судир помеѓу полицијата и публиката кој траеше со часови, а полицијата мораше да употреби и водени топови.

Прељубник и витез

Приватниот живот на Мик Џегер бил еднакво бурен како и неговата музичка кариера. Со пејачката и писателката Марша Хант ја доби вонбрачната ќерка Карис, во 1970 година. Се ожени една година подоцна, но со Бјанка Перез Морена, актерка и манекенка, денес активистка за човекови права. Бракот заврши во 1979 година, со развод кои наводно го чинел Џегер 2,5 милиони долари, а причината била прељуба. Познатиот рокер уште пред разводот почнал да се гледа со манекенката Џери Хол. Со неа бил во врска за време на осумдесетите, а се венчале во 1990. И тој брак заврши во 1999. година, повторно поради прељуба. Вкупно, Џегер има седум деца со четири жени.

Musiker Mick Jagger The Rolling Stones Konzert Juli 2013
Стоунс и сер Џегер и понатаму не се откажуваат од настапи и концертиФотографија: Getty Images

Мајкл Филип Џегер во 2003 година ја доби титулата витез - британскиот принц Чарлс го одликуваше поради „придонес во модерната музика“. А Стоунс и сер Џегер и понатаму не се откажуваат. Бендот е повторно на турнеја.  Но овојпат веќе не е во прв план имиџот на бунтовници, туку меѓународни музички ѕвезди, а цената на картите е помеѓу 255 и 1.995 евра. Мик е енергичен на сцената и со полни седумдесет години, а и неговиот пријател Кит Ричардс е одлучен и понатаму да свири. “Зошто да престанам да го работам тоа што го сакам? Мене не ми треба пензија“, изјавил Кит во една прилика.