1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Најспособните глави“ бараат решенија за проблемите на светот

Петер Филип10 ноември 2008

700 политичари, претставници од стопанството, науката и од невладини организации во Дубаи, на конференција на Светскиот економски форум, расправаа за најитните меѓународни проблеми и за можни предлози за решенија.

https://p.dw.com/p/Fqtj
Од средбата во Дубаи: Мохамад Алабар, член на Извршниот совет на Дубаи, и Клаус Шваб, основач на Светскиот економски форумФотографија: picture-alliance/ dpa

Проблемите на светов без пасош ги минуваат границите на државите, но решенија досега не беа можни без пасош. Таквата состојба мора да се промени, мора да бидат изнајдени нови решенија каде што досега ги нема, и тоа важи посебно, иако не исклучиво, за светот на финансиите. Ова е едно од сознанијата од средбата во Дубаи, досега единствена од тој вид, како што вели Фиона Пауа, раководител на проектот на средбата. „Важно беше на овој ’самит за глобалната агенда‘ да се соберат најспособните глави од светот. Ние собравме 700 за да се позанимаваат со глобалните предизвици. За нас беа битни две многу важни теми: во каква состојба се наоѓа светот - во сета негова комплексност и во секоја димензија, и што можеме да сториме за да ја подобриме состојбата?“, објасни Пауа.

Dubai - Schiffe auf dem Creek
Дубаи: модерна метропола „среде пустината“Фотографија: picture-alliance/dpa

Финансиската криза - само една нерамнина на патот

Учесниците им припаѓаат на таканаречените „Совети за глобална агенда“. Тие се во меѓусебен контакт во текот на годината, а се среќаваат еднаш годишно. Без присуство на јавноста, во Дубаи тие дискутираа во 68 различни работни групи за најразлични проблеми - од заштитата на климата, преку миграцијата, здравството, сузбивањето на теророт, се’ до финансиската криза. Со неа се занимаваа пет од работните групи и најголемиот дел од учесниците беа согласни дека сега доживуваме нешто, за што „секако ќе им се раскажува на внуците“, но финансиската криза, на крајот на краиштата, ќе биде одвај нешто повеќе од нерамнина на патот. Или, како што кажа еден учесник од Индија: и Азија страда од кризата, но, од друга страна, во последните 200 години го направи најголемиот и најдобар прогрес и во тоа нема ништо да се промени.

Појдовни точки за конкретни решенија

Единство владееше околу тоа дека помина времето на целосна дерегулација и оти мора да се утврдат правила за фунцкионирање на финансиските пазари, а заповед на историскиот миг е одговорното однесување на политиката. Основачот на Светскиот економски форум, професор Клаус Шваб, е задоволен „оти за првпат успеа да се исцртаат, испитаат и делумно и да се укаже на решенија за сите проблеми од глобалната агенда, во сета нивна меѓузависност“. Конкретни решенија не произлегоа, но тоа не беше ни цел на собирот, вели Шваб. „Би било арогантно да се смета дека за 48 часови може да се промени светот. Но, сметам дека дојдовме до појдовните точки“.

Schweiz Weltwirtschaftsforum in Davos Klaus Schwab
Најдовме добра подлога за решенија: основачот на Светскиот економски форум, Клаус ШвабФотографија: AP

Шваб укажа на документот од конференцијата, на кој на 160 страници се изложени гледањата на „најдобрите глави од светот, и од тоа може да се извади нешто разумно“. Тој документ ќе им биде поделен на политичари, академци и на медиумите, за да се постигне што е можно пошироко дејство. Учесниците на средбата од своја страна ќе се погрижат за проширување на дискусијата, а на овие темели ќе се надоврзе и Светскиот економски форум во Давос, чија тема годинава ќе биде „Да се креира светот по кризата“.