1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Најкратката ноќ - од два стана - три

ЖА/дпа/афп/зц31 март 2013

Ноќеска кон недела започна летното сметање на времето: часовниците во два часот утрото се поместија еден час нанапред, на три часот, ноќта значи беше еден час пократка.

https://p.dw.com/p/187ES
Фотографија: picture-alliance/dpa

„Подмолната кражба“ се случува за време на спиење: додека човек задоволно грчи и во сонот се свртува за 180 степени, часовникот „скока“, од два часот станува три..

Тактот на промената во сметањето на времето во Германија го дава Атомскиот часовник во Физикално-техничкиот сојузен уред во Брауншвајг. Преку посебен емитер се пренесуваат сигналите на кои часовниците со радиски прием на сигнал автоматски се приспособуваат на новото време.

Symbolbild Innere Uhr
Фотографија: picture-alliance/dpa

Основа за промена на времето е пропис кој важи во рамките на целата Европа. Според него, средноевропското летно време во сите земји членки на ЕУ, но и во најголем дел од другите држави, започнува во последната недела во март и завршува во последната недела во октомври. Тогаш часовниците ќе бидат вратени еден час наназад.

Летното сметање на времето во Германија беше воведено во 1980-та година заради заштеда на енергија. Критичарите меѓутоа предупредуваат - ефектите од ваквата заштеда на енергија се речиси занемарливи. Освен тоа, последица на промената на времето е изместување на „внатрешниот часовник“ кај почувствителните луѓе, што преодно доведува до замор и пореметување на сонот.

Müder Schüler
Фотографија: picture-alliance/dpa

На многумина им се потребни повеќе денови додека да го „фатат новиот ритам“. Според најнова анкета на германскиот државен завод за осигурување, ДАК, 70 проценти од испитаниците се изјасниле за укинување на промената во сметањето на времето. Потешко погодени од промената се жените - 30 проценти, речиси секоја трета има здравствени проблеми поврзани со „новото време“, додека кај мажите тој процент е 18.

Испитаниците се жалат на проблеми во концентрацијата, дури и депресивни расположенија.

„Часот помалку го пореметува хормоналниот статус. Наутро станувањето е тешко, се чувствува замор, а навечер се јавуваат проблеми со пораното одење во кревет. Организмот многу полека се навикнува на новиот временски режим“, вели д-р Валтрауд Фарер од ДАК.