„Најгрдиот“ германски збор за 2009 година
20 јануари 2010„На прво место го избравме изразот ’затруен со идеите на работничкиот совет’, зашто со него на сосема неадекватен начин, интересите на работниците се претставуваат како еден вид зараза“, ја образложи одлуката Хорст Дитер Шлосер, портпарол на жирито, кое врши критичка оценка на јазикот.
На многу претпријатија им „пречи“ прифаќањето на интересите на работниците, но со нивното означување за „зараза“, барем јазично, е допрено дното на односот кон зависните од плата. „Со најгрдиот германски збор за 2009 година, луѓето се претставени како да се лепрозни“.
Еден соработник на синџирот големи продавници за градежни материјали „Баухаус“ од Манхајм за германскиот телевизиски канал АРД изјави дека овој збор бил употребен од раководителот на одделение на фирмата, кога колега од една филијала, во која постоел работнички совет, сакал да премине во филијала без вакво работничко тело.
Погрешна формулација
„Жирито,освен тоа ја критикуваше и формулацијата на германската канцеларка Ангела Меркел за ’борба против бегалците’ како драматична јазична грешка. Меркел ја употреби оваа формулација на граѓанскиот форум во организација на ’Бертелсман’ фондацијата, претставувајќи го германскиот придонес во решавањето на проблемот со мигрантите, наречен одвратувањето на бегалците од европските граници. Се надеваме дека таа не мислеше на вистински воени акции,“ изјави претставникот на жирито за избор на „најгрд“ збор.
На 19-от избор за најгрд збор беа пријавени 2018 предлози. Жирито не ги избира оние кои се најчесто употребувани, туку оние со кои се врши особено погрешно претставување на суштината, кои вршат замаглување, драматизираат или дури го повредуваат човековото достоинство.
Автор: ЖА/СН/ дпа/дв
Редактор: Александра Трајковска