Најголеми американско-израелски маневри за противракетна одбрана
21 октомври 2012Најголемите американско- израелски воени маневри за противракетна одбрана во историјата започнаа денеска во Израел. На воените вежби со име „Сериозен предизвик 2“ учествуваат околу 1.000 израелски војници. За таа цел пак во Израел во изминатите денови пристигнаа уште 1.000 американски војници. Натамошни 2.500 војници на САД стационирани надвор од Израел, пред се’ од воените бази во Европа и во регионот на Средоземното Море ќе бидат вклучени во вежбите.
При маневрите меѓу другото ќе се вежба одбраната од ракетни напади врз израелска територија. За време на вежбите ќе бидат тестирани израелските противракетни системи од серијата „Хец“, како и американските копнени модернизирани системи „Патриот“ и морските „Иџис“. Овие системи се наменети за фаќање на балистички цели на подалечни растојанија. Овие воени вежби ќе ги чинат САД 30 милиони долари, а Израел 7,85 милиони долари.
Израелската армија соопшти дека воените вежби се планирани уште пред две години и не се поврзани со актуелните случувања во регионот.
Иран и неговите сојузници имено постојано му се закануваат на Израел со ракетни напади доколку изврши напад врз иранските атомски постројки.