1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Најважната недела за Обама

С. Недевски/ ЖА/ртр/дпа/афп9 септември 2013

Неделата за одлука започна. Американскиот конгрес ќе расправа за плановите на претседателот Барак Обама за воена интервенција во Сирија. Претседателот на Сирија, Асад, пак и натаму демантира употреба на хемиско оружје.

https://p.dw.com/p/19dx7
Фотографија: Reuters

Сирискиот претседател Башар ал Асад во интерву за американската телевизиска станица ЦБС ( си- би- ес) повторно ги отфрли обвинувањата дека неговите сили на 21 август употребиле отровен гас. Истовремено тој истакна дека неговата земја е подготвена за евентуален воен напад на САД. Интервјуто со сирискиот претседател треба да биде емитувана денеска. Но новинарот Чарли Роуз кој го водел интервјуто со Асад, во информативна емисија на ЦБС објави некои детали од него. Според Роуз, Асад изјавил: „нема никакви докази дека имам употребено хемиско оружје против сопствениот народ..., а ако владата на Обама навистина има докази за такво нешто, тогаш треба и да ги покаже“.

Асад истотака навестил дека во случај на американска воена интервенција, би можел да следува одмазднички напад. Тој би можел да биде изведен од група луѓе кои се во сојузништво со него, го цитираше американскиот новинар, сирискиот претседател. Роуз уште додаде: „ Тој испрати и порака до американскиот народ, дека САД досега немале добро искуство кога се вмешувале во војните и конфликтите на Блискиот Исток“.

Syrien Präsident Baschar al-Assad September 2013
Фотографија: Reuters

Се очекува отпор во Претставничкиот дом на Конгресот

Со објавувањето на интервјуто со Асад, ЦБС ја отвори неделата за одлука во САД. Конгресот имено денеска ја завршува летната пауза и се очекува веднаш да започнат дискусиите на конгресмените и на сенаторите за можниот воен напад против режимот на Асад. Обама има намареа за планираните воени дејствија да добие согласност од Конгресот. Меѓутоа се навестува силен отпор, посебно во Претставничкиот дом. Одлучувачкото гласање се очекува најрано во втората половина од неделата. Утревечер Обама во обраќањето до нацијата ќе апелира за согласност за воена интервенција. Денеска на агендата на американскиот претседател се интервјуа за дури шест телевизиски станици.

Но дали притоа од помош се изјавите на шефот на неговиот кабинет Денис Мекдоноу? Имено, според Мекдоноу, САД немаат стопроцентно сигурни докази за вмешаност на сирискиот режим во наводниот напад со отровен гас на 21. август. Во интервју за телевизиската станица ЦНН (си-ен-ен), Мекдонау изјави дека независно од разузнувачките информации, здравиот човечки разум вели „ дека сирискиот режим го извел нападот“. На прашањето за конкретен доказ Мекдонау истакна: „ Дали имаме фотографија или некој непобитен доказ? Ова не е судница. И така не се одвива разузнувачката работа“.

Syrische Flüchtlinge
Фотографија: Reuters

Во меѓувреме Комесарот за бегалци на Обединетите нации Антонио Гутереш ги повика европските држави неограничено да прифаќаат сириски бегалци. Тој за германскиот весник „Велт“ изјави дека Европа треба заедно со соседите на Сирија да го преземе товарот на бегалците и сите кои сакаат да дојдат да бидат прифатени. Истовремено тој го пофали ангажманот на Германија. Со нејзината програма за прифаќање на 5000 Сиријци, Германија дава важен пример, рече Гутереш, изразувајќи надеж дека уште повеќе земји со слични одлуки ќе им помогнат на луѓето кои бегаат од насилството.