Најбогатите уметници во светот
8 мај 2010На првото место на најбогати уметници се наоѓа Британецот Демјан Хирст. Овој, сега 45-годишен уметник, стана познат со делото „Физичка невозможност на смртта во умот на некој жив“ . Имено, станува збор за голема стаклена кутија со мртво морско куче во формалдехид. Ова дело, иако многу необично, но истовремено и занимливо, сепак паѓа во сенка на она што следува. Имено Хирст на едно свое дело заработи вистинско „мало“ богатство - черепот од дијаманти кој беше продаден за 57,2 милиони евра. На челото на овој вистински череп се наоѓа дијамант од 52 карати, а целото дело го носи името „За љубов на Бога“. Зошто Хирст е на првото место? Затоа што неговото богатство се проценува на 730 милиони евра.
Сексот продава
Американскиот уметник Џеф Кунс (55) може, пак, да се пофали со богатство од 510 милиони евра. Тој е познат по кич објектите. Во 1988, тој изработи позлатено порцеланско дело наречено „Мајкл Џексон и Баблс“, на кое го прикажува кралот на поп музиката во друштво со својот љубимец, шимпанзото Баблс. Кунс е познат и по тоа што често користи сексуални мотиви за своите дела. Неговите дела се вбројуваат во сферата меѓу кичот и уметноста. Во секој случај, тие се скапи.
На третото место се наоѓа јапонскиот уметник Такаши Мураками. Делата на овој 48-годишен уметник се движат меѓу класичната уметност и дизајнот, поради што стана и популарен. Во своето претпријатие „Каикаи Кики Ко“ тој вработува преку 100 луѓе. Неговото богатство изнесува 250 милиони евра.
До пари преку вложување во недвижнини
130 милиони евра, пак, изнесува богатството на американскиот уметник Брајс Мердон, кој се смета за претставник на минимализмот. Патувањата во Тајландн Шри Ланка и во Индија влијаеја врз работата на овој 72-годишен уметник. Имено, азиските култура, уметност и природа се препознатливи во Мердоновите дела. Своето богатство тој го заработил со вложување во недвижнини.
Џулиан Шнабел е 59 годишен американски сликар и филмски режисер. Тој е еден од главните претставници на неоекспресионизмот. Многу негови дела се насликани на нерамни површини од стакло или порцелан. Во 1995 година дури сними и музички албум, во кој учествуваа музичари како Бил Ласвел, Берни Ворел, Ники Скопелиц и Бакетхед. Неговото богатство се проценува на 120 милиони евра.
Милионите се трошат бргу
Аниш Капур е роден во Мумбај, Индија, а денес живее и работи како вајар во Лондон. 56-годишниот Капур го зазема скромното шесто место на листата на најбогати уметници, со 46 милиони евра. Вниманието на меѓународната јавност го сврте кон себе за време на 70 години од минатиот век со скулптурата од пигменти на различни бои. Неговите дела денес се изложуваат низ целиот свет.
На седмото место се наоѓа 80-годишниот уметник од САД, Џаспер Џоунс, кој го сметаат за зачетник на Поп артот. Џоунс не е само сликар, туку и скулптор, костимограф и сценограф. За време на својата сликарска фаза продаде повеќе од 535 дела, за кои заработи околу 110 милиони евра. Зошто тогаш се наоѓа толку ниско на листата ? Причината е едноставна - нему му останале само 36 милиони евра.
Автор: СН/МЉ/Билд
Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска