1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нафтениот тепих стигна до Луизијана

30 април 2010

По минатонеделната експлозија на нафтена платформа во близината на Мексиканскиот залив, нафтената дамка стигна до брегот на Луизијана. Ова би можело да биде најголемата еколошка катастрофа во историјата на САД.

https://p.dw.com/p/NAjP
Нафтената дамка секој ден се` поголемаФотографија: AP

Силните ветришта од југоисток само уште повеќе го забрзаа приближувањето на нафтената дамка до бреговите на Луизијана, но загрозени се и бреговите на државите Мисисипи, Алабама и Флорида. Најлошото е тоа што по потонувањето на платформата, од три пукнати цевки и натаму директно во морето истекуваат повеќе од пет илјади барели сурова нафта дневно. Американското министерство за внатрешни работи нагласи дека можно е да бидат потребни 90 дена за да се спречи масовното излевање на нафтата.

САД сериозно ја сфаќаат заканата

Американските власти синоќа прогласија состојба на национална катастрофа. Американскиот претседател Барак Обама истакна дека компанијата „Бритиш петролеум“, сопственик на потонатата нафтена платформа, е одговорна за штетата и чистењето на големата нафтена дамка, но дека американската влада ќе стори се` што е во нејзина моќ за да ја стави ситуацијата под контрола: „Иако ’Бритиш петролеум’ треба да ги сноси трошоците за покривање на штетите и чистењето на нафтената дамка, американската администрација ќе продолжи да ги користи сите можни средства што ни стојат на располагање, меѓу кои и министерството за одбрана, со цел да се справиме со инцидентот“, истакна Обама, додавајќи дека наредил испраќање на специјалните единици СВАТ на местото на настанот.

NO FLASH Ölteppich vor der Küste von Louisiana USA
Загрозени стотици видови риби и птициФотографија: AP

Загуби за локалната економија

Нафтената дамка ги загрозува чувствителните мочуришни екосистеми на крајбрежјата на Луизијана, Мисисипи, Алабама и Флорида, каде живеат стотина видови птици, како и мрестилиштата на рибните фондови на Мексиканскиот залив, едно од најбогатите риболовни подрачја во светот, кое изобилува со ракови, школки и голем број видови на риби. Локалната индустрија, која најмногу се заснова на преработката на морски плодови, стравува дека поради еколошката катастрофа, ќе претрпи огромни загуби.

Автор: ТТ/ЖА/афп/миа/дв

Редактор: Александра Трајковска