1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Научена лекција за значењето на слободното информирање

Силвера Падори-Кленке23 август 2013

Иако информативниот простор во Германија се потпира врз широко законодавство, компас во работата на новинарите е Кодексот, кој иако не е обврзувачки, е вистинска „Библија“ за слободно, објективно и етичко информирање.

https://p.dw.com/p/19Ueb
Фотографија: Fotolia

Искуството од периодот на националсоцијализмот, кога информациите и медиумите ги управувало Министерството за пропаганда, било пресудно повоена Германија мошне сериозно и брзо да ја научи лекцијата за значењето на слободното информирање. Ова сознание било пресудно слободните медиуми да станат четврта сила која одговорно и будно го следи работењето на легислативата, судството и егзекутивата во демократската држава. Слободата на медиумите, како што вели еден од најкомпетентните проучувачи на оваа материја, проф. д-р Артур-Аксел Вандтке од Хумболт универзитетот од Берлин, е гарантирана во членот 5 од германскиот Устав. Едновремено, за слободата на медиумите е надоврзана и правната линија на Европската унија, а како трет столб кој ја гарантира слободата на информирањето е Конвенцијата за човекови права и слободи од 1949.

Ова се основите врз кои во последниве шестипол децении во Германија правно се регулира медиумската сфера, која од ден во ден, со напливот на интернетот е се’ поглобална и пообемна. Медиумското право е многу коплексно и се занимава со сите видови на јавно објавување: печатот, радиото, телевизијата, филмот, мултимедијалниот простор и интернетот. Ова право се грижи за достапноста на комуникациската инфраструктура, обезбедувањето разноличност на мислења, заштита на корисниците на медиумите (читателите, слушателите, гледачите), на податоците и на младите, како и на духовното наследство.

Обврски и привилегии

Дел од медиумското право е Правото на информација, кое се занимава со рамковните услови на информирањето, е децентрализирано и е законска компетенција на покраините. Правото на информација, како што наведуваат експертите, е под влијание на регулативата од Граѓанскиот и Кривичниот законик. Основните прописи врз кои се потпира овој правен комплекс (Правото на информација) се: членот 5 од Уставот на Германија, покраинските закони за информирање, специјалните прописи за интернет порталите и блоговите и секако - новинарскиот Кодекс. Тој не е обврзувачки, но има карактер на своевидна „Библија“ за новинарската фела, зашто на повеќепати е потврдено дека оној кој при работата не се судира со пропишаното од новинарскиот Кодекс, сигурно нема да има никогаш проблем ниту со каков било закон.

Според Кај Јидеман, адвокат од Берлин, специјализиран за медиумската проблематика, правото на информација честопати се прекршува меѓу основните уставни права како што е слободата на изразување и правото на приватност. Правото на информација, кое важи за сите медиуми, дефинира кои јавни искази се законски и пропорционални, а за кои може да се тврди дека се незаконски. Овој правен комплекс го обврзува новинарот на одговорно, целосно и објективно информирање. Акцентот се става и на темелното истражување и известувањата од судските постапки. Дадени се и патокази при работењето на одредени новинарски форми како интервјуа, преземање туѓи текстови, објавување документи, но има и дефиниции за недозволени и погрешни информации кои се санкционираат согласно Граѓанскиот законик.

Deutschenr Presserat Lutz Tillmanns
Новинарскиот кодекс е компас на фелата за слободно, одговорно, вистинито и етичко информирање -Луц Тилманс, раководител на Германскиот совет за печатФотографија: AP

Во Правото на информација се поместени и побарувањата од оние кои информираат (весниците, радиото, телевизијата, интернет порталите). Така, до детали е појаснето во кои случаи може да се реагира на некоја информација доколку се смета дека не е адекватна и професионална (правото на одговор, исправка или паричен надоместок).

Интересно е што во оваа регулатива се вели дека „и покрај тоа што имаат тешка работа, новинарите покрај слободата во информирањето уживаат и други привилегии“. Имаат законско право да одбијат да сведочат во цивилни и одредени кривични постапки, наспроти судовите можат да ја почитуват тајноста на одредени информации (даночна, лекарска тајна). Покрај привилегијата за слободен пристап на различни манифестации, места на настани и јавни собири, „за разлика од лекарите и адвокатите, на новинарите не им требаат лиценци за вршење на новинарската дејност“.

Кодекс на фелата

Во германската медиумска пракса, и покрај правната законодавна рамка, вистинскиот компас за професионално, одговорно и вистинито информирање е новинарскиот Кодекс, пропишан од Германскиот совет за печат. Иако Советот го носи официјалното име „германски“, како што за ДВ вели раководителот Луц Тилманс, не станува збор за државна, туку за приватна институција. Советот е конституиран пред речиси 57 години, во ноември 1956 година, на иницијатива на повеќе новинарски и здруженија на издавачи кои се залагале за слобода на печатот и информирањето, одговорното новинарство и почитувањето на . етичките правила.Првиот новинарски Кодекс стапил во сила на 12 декември 1973 година. Иако оттогаш е повеќепати актуелизиран, Кодексот остана доследен во својата суштина.

Deutscher Presserat - Übergabe des Pressekodex
Првиот новинарски Кодекс му е врачен на германскиот претседател Густав Хајнеман на 12 декември 1973-таФотографија: Bundesbildstelle

„Основно е што новинарскиот Кодекс го регулира одговорното известување и се ориентира кон вистинитоста и почитувањето на човековите права и достоинство. Пропишани се и многу одделни правила: грижливото истражување, одговорниот пристап кон писмата на читателите или сега во мултимедијалниот простор - форумите, работењето на интервјуа, внимателност со приватната сфера - било да станува збор за жртвите на криминал или осомничените извршители, или жртви на несреќи и сл. Потоа, важно е и колку грижливо се штитат податоците во текот на известувањето, како и забраната на ’скриените’ реклами, одбегнување на корумпираноста и слично“, објаснува Тилманс. Тој вели дека само минатата година до Германскиот совет за печат биле доставени 1.500 поплаки. Најголемиот број (околу 600) се однесувале на повреди на членот 1 и 2 од Кодексот вистинитоста и почитување на човековото достоинство, одговорно истражување). Дел биле и во врска со повреда на приватната сфера. Околу 10 проценти од поплаките се однесувале на забелешки за дискриминација во информирањето, а 5 проценти биле реакции на „скриена“ реклама и неадекватната поделеност на редакцијата и рекламирањето.

Недопирливост на приватната сфера

„Секој кој смета дека кај одредени весници, списанија, онлајн портали е прекршен Кодексот, може да се пожали до Советот“, прецизира Луц Тилманс, според кого три комисии од по 8 члена (правници и новинари) ја истражуваат секоја поплака. Искуството покажува дека дел од забелешките се неосновани, а во случаите каде има сознанија дека е прекршен новинарскиот Кодекс известувањата се испраќаат до главните уредници на редакциите од кои се бара да се изјаснат за конкретниот случајот. Според Кодексот, има четири типа санкции: укажување, неодобрување и два вида на укор, од кој кај тешките повреди на Кодексот, редакцијата има обврска истиот јавно да го објави.
Поради се’ поголемата „раздвиженост“ во медиумскиот простор, како што подвлекува адвокатот Кај Јидеман, се’ побројни се постапките во кои предмет е загрозената приватност. Поточно, медиумите повикувајќи се на слободата на печатот, објавуваат текстови или фотографии на одредени познати личности, кои пак сметаат дека им е нарушена приватната сфера, тужат и бараат отштета. Сите овие процеси кои се во доменот на приватната сфера, односно меѓу поединци и медиуми, се решаваат во граѓанските судови. Со оглед што честопати во прашање се големи износи за плаќање отштети, постапките понатаму се „селат“ на повисоко ниво - пред Европскиот суд на правдата или пред Меѓународниот суд на правдата, кои немаат лесна задача да пресечат - кој има повеќе право: медиумот што се повикува на слободата на печатот и членот 5 од Уставот или поединецот, кому му е гарантирано правото на приватност!?

Symbolbild Justitia Justiz Gerichtigkeit
Судовите најчесто мораат да одлучат меѓу правото на слободно информирање на медиумот и правото на приватност на поединецотФотографија: picture-alliance/dpa