Наумовски: Македонија не прифаќа уцени и обезличување
9 декември 2009„Македонскиот народ никогаш нема да се согласи на сопствено обезличување. Разликите меѓу две европски држави треба да се решаваат со меѓусебно разбирање и почит, што се во суштината на заедничките европски вредности“, рече на денешната (09.12.2009) прес-конференција во македонската влада вицепремиерот задолжен за европски прашања Васко Наумовски. Тој додаде дека на средбата на Советот на министри станало јасно оти Македонија има многу повеќе пријатели во ЕУ, отколку што многумина мислеа и исто така дека целата европска јавност знае дека она што се бара од земјата е непринципиелно. Вицепремиерот Наумовски уште посочи дека владата, заедно со граѓаните, ќе продолжи со битката за обезбедување напредок и европска перспектива за државата.
Протести пред канцеларијата на ЕУ во Скопје
Пред канцеларијата на Европската унија во Скопје денеска протестираа невладини, студентски и средношколски организации, како и голем број граѓани поради одлуката на Советот на министри на ЕУ за пролонгирање на одредувањето датум за почеток на преговорите за членство на Македонија во Унијата. Претседателот на Студентскиот парламент, Иван Живковски, рече дека преку протестот го изразуваат големото разочарување од одлуката на Брисел. „Од една страна, Европа пласира идеали и правила по кои Македонија треба да се раководи, а од друга страна го порекнува тоа“, додаде Живковски. Александра Давитковска од Средношколската унија на Македонија, пак, изјави дека младите се револтирани и разочарани од повторната блокада од страна на Грција. „Ова претставува лош сигнал за развојот на регионот и градењето на добрососедските односи и истовремено е прв случај кога една земја е блокирана на патот кон евроатланските интеграции заради сопственото име, нација и јазик,“ нагласи Давитковска.
Автор: ЖА/АТ/миа/макфакс