НАТО: Институциите во Македонија мора да функционираат
28 јануари 2013Во Македонија мора да функционираат демократските институциии. Отворениот политички дијалог е начин за надминување на разликите и земјата мора да се фокусира на значајните теми како што е напредокот во евроатлантските интеграции. Ваква порака на денешните средби со македонскиот министер за одбрана Фатмир Бесими во Брисел упатиле заменикот генерален секретар на НАТО, Александер Вершбоу, , помошникот секретар за нови безбедносни предизвици Габор Иклоди како и со амбасадорите на САД и на Турција при Алијансата, Иво Далдер, односно Хајдер Берк.
„Средбите со Вершбоу и со Иклоди, како и со амбасадорите на САД и Турција се однесуваат на нашата интензивна агенда за продолжување со лобирањето за членство на Република Македонија во НАТО и презентација на реформите што нашата земја ги прави во одбранбениот систем и подготовките за идниот придонес во меѓународните мировни мисии на Алијансата. Ова се редовни средби што се случуваат на почетокот на годината, каде ние ги најавуваме нашите планови и во исто време гледаме што подготвува Алијансата за во текот на годината нашите резултати и реформи да бидат поуспешни“, изјавил Бесими за македонската новинска агенција МИА.
Според министерот за одбрана, со заменикот на Андерс фог Расмусен разговарале и за политичко-безбедносната состојба во регионот, значењето на регионалната соработка и евро-атлантската перспектива како единствен пат за стабилен и мирен Балкан кој ќе обезбеди развој за регионот.
Со Вершбоу, Бесими вели дека дискутирале за идните регионални проекти во рамки на проектот „паметна одбрана” и значењето на кибернетската безбедност.
Притоа, македонскиот министер за одбрана потенцирал дека Република Македонија работи на национална стратегија во врска со ова и укажал за потребата од поддршка од страна на НАТО во овој проект, оти годинава Македонија е претседавач со А-5 групата чиј заеднички проект ќе биде „сајбер одбраната” што има поддршка од Алијансата поради тоа што ризикот од кибернетски напади е еден од најголемите во последно време.
Во заклучокот на средбите со амбасадорите и високите преставници на Алијансата, минитерот Бесими потврдил дека ќе инсистира на интензивирање на регионалната соработка во областа на одбраната што е приоритет на македонското Министерство за одбрана за 2013 година.