1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

270309 NATO Geschichte

3 април 2009

САД во сојузништво со Европа, Русите да останат надвор, Германците да се држат на дното - вака ја опишува првиот генерал секретар на НАТО, Лорд Исмај целта на создавањето на НАТО пред 60 години.

https://p.dw.com/p/HP2V
Церемонијата на потпишување во ВашингтонФотографија: AP

Вашингтон 4 април 1949 година. Во свечена атмосфера министрите на дванаесет држави од американскиот и европскиот континент го потпишаа документот за основање на Северноатлантскиот пакт. Иако сеќавањата од Втората светска војна се‘ уште им беа свежи, најголемиот непријател на НАТО, сепак, не им беше демилитаризиранaта Германија туку Советскиот сојуз. Нема друга алтернатива за Западна Европа освен сојуз со САД, изјави тогашниот британски министер за надворешни работи Ернс Бевин во своето радио обраќање.

„Што требаше да сторат мирољубивите нации? Да чекаат неподготвени и една по друга да бидат уништени, или да се изгради систем за колективна безбедност, кој ќе ги штити нивните народи и силно ќе им се спротивстави на заканите? Ние се одлучивме за вториот пат.“

NATO Flagge Logo
Логото на НАТОФотографија: NATO

Гаранција за сојузништво

С‘ржта на договорот за Северноатлатнскиот пакт е членот 5 - гаранција за сојузништво. Со тоа, земјите членки се осигурани дека ќе добијат помош од сојузниците во случај да бидат нападнати. Според договорот, земјите членки треба да одлучат за тоа каков одбранбен придонес ќе пружат.

Од почетокот, НАТО се сфаќа како заедница на вредности. Сепак, и недемократски земји беа прифатени во сојузот. Тоа не е само од стратешки причини, објаснува воениот експерт Франц Јозеф Маерс: „Вредностите навнатре играат многу важна улога. Преку членството требаше да биде забрзан процесот на демократизација во земјите како Шпанија и Грција.“

Bundesrepublik Deutschland wird 1955 Mitglied der NATO
Германија стана членка на НАТО во 1955 г.Фотографија: dpa - Bildfunk

Прием на Германија

Германија беше посебен случај. Разурната од војната и демилитаризирана, но за НАТО на долг рок од важно стратегиско значење. На 9 мај 1955 година, тогашниот германски канцелар Конрад Аденауер во Париз го потпиша договорот за членство на Германија во сојузот. Генералот Ханс Шпајдел кој беше прв човек на германската армија, како и одредено време врховен командант на силите на НАТО за Европа, се сеќава:

„За првпат во седиштето на НАТО, во Париз, се слушна германската химна и се вееше германското знаме. Вистинско чудо, ако се земе предвид минатото на земјата.“

Тензии на релација исток-запад

По проширувањето на Алијансата, Советскиот сојуз и нивните сојузници го основаа Варшавскиот пакт. До падот на Берлинскиот ѕид овие два многу вооружени блока беа спротивставени. Атомското оружје на готовс и заканите со потенцијална можност за акција беа суштината на застрашувачка политика на НАТО кон Москва. Но, развојот на ситуацијата во 60-те години водеше во правец на намалување на затегнатоста меѓу двата блока. Политичкиот аналитичар Франц Јозеф Маерс зборува за клучна промена во сојузот којашто водела кон тоа...:

„НАТО да се сфати не само како чисто воен инструмент туку и како политички инструмент, како и тоа дека безбедноста веќе не се мери само според бројот на дивизиите, туку дека кон тоа придонесуваат и мерките за релаксирање и контрола на вооружувањето, за да не дојде до натамошни заострувања и кризи во конфликтот на релација исток-запад.“

Mauerchronik 2_7 (1950-59)
Дел од лидерите на Варшавскиот пактФотографија: picture-alliance/ akg images

Кон крајот на 70-те политиката на релаксирање е исцрпена. Германскиот канцелар Хелмут Шмит предупреди од последиците: „Секоја недела доаѓа нова ракета од типот СС 20 со три боеви глави, односно 50 годишно. САД и Атлантскиот сојуз сакаат да ја искористат можноста, да и‘ се спротивстават на растечката нерамноправност во овој домен.“

НАТО одговори со планови за стационирање на атомски ракети од типот Першинг II. Веднаш потоа во Европа се формираше најголемото мировно движење од крајот на Светската војна.

„Над 70% од луѓето во Германија, не се согласуваат со тоа што во земјата се‘ повеќе се трупа атомско оружје,“ рече Вили Бранд. Но, и покрај неговиот протест, вооружувањето се случи под палката на наследникот на Шмит, канцеларот Хелмут Кол. Во 1985 година, во Москва, на сцена стапи Михаил Горбачов. Неговата реформска политика доведе до крај на конфликтот меѓу истокот и западот, до уништување на ракетите СС-20 и Першинг II и придонесе северноатлантската Алијанса по падот на Берлинскиот ѕид да се редефинира.

Автор: Андреас Нол / Невена Георгиевски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема