Натамошно топење на мразот меѓу САД и Русија
13 октомври 2009САД и Русија се залагаат за сега да се продолжи со барање дипломатско решение за спорот околу иранската атомска програма. „Времето за санкции се’ уште не е дојдено“, порача американската министерка за надворешни работи Хилари Клинтон на денешната заедничка прес-конференција со рускиот колега по функција Сергеј Лавров во Москва. Тоа меѓутоа не значи дека оваа опција е отстранета. И таа е во игра, доколку Техеран не го смени ставот во врска со атомската програма, порача Хилари Клинтон во Москва. Само во сегашната ситуација „санкциите, заканите и притисокот“ не се продуктивни, додаде нејзиниот руски колега по функција, Сергеј Лавров. Според него, и Русија гледа критички на иранската атомска програма.
Русија ја гради првата нуклеарна централа на Иран во градот Бушер, но при тоа сака да ја исклучи можноста раководството во Техеран да го користи нуклеарното гориво потребно за работата на централата за воени цели. Клинтон инаку оцени дека првата рунда преговори со Иран во Женева минатата недела во секој случај претставувала конструктивен почеток, но нагласи дека сега треба да следуваат дела.
Ракети и анти-ракетна одбрана
Хилари Клинтон порача дека е постигнат напредок и околу спорниот анти-ракетен штит на Американците: „Би сакале да ги видиме САД и Русија како тесно соработуваат околу системот за одбрана од ракети.“ САД во септември се откажаа од инсталирањето на системот во Источна Европа, што Русија го доживуваше како загрозување на сопствената безбедност.
Двајцата министри по средбата во Москва оценија и дека е постигнат забележлив напредок на полето на преговорите за нуклеарно разоружување. САД и Русија сакаат да постигнат нов договор за разоружувањето уште пред истекот на сегашниот СТАРТ договор на 5 декември. Според дипломатски извори цел е од сегашните по 2.000 балистички ракети со нуклеарно полнење, колку што предвидуваше СТАРТ договорот, да се дојде до бројката од по 1.200. На ова поле уште има разлики околу тоа дали во ограничувањето на нуклеарниот потенцијал да бидат вклучени само активните ракети или пак и резервните. Во секој случај, во интерес на двете страни е да се постигне напредок по ова прашање.
При првата официјална посета на Хилари Клинтон на Москва, таа и Сергеј Лавров разговарале и за ситуацијата во Авганистан, за конфликтот околу отцепените грузиски региони, за проширувањето на НАТО кон Источна Европа, како и за состојбата со човековите права.
Автор: ГЧ/ТТ/ дпа/ап
Редактор: Александра Трајковска