1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Наставата по историја ги дели учениците на Косово

Рефки Алија / Александар Методијев23 април 2013

Српските ученици од една страна, а албанските и сите останати кои наставата ја следат според косовскиот план и програма, од друга страна–четиринаесет години по завршувањето на војната тие немаат речиси никакви контакти.

https://p.dw.com/p/18Kre
Фотографија: DW/R. Alija

Јелена Петровиќ, професорка по историја во гимназијата „Миладин Митиќ“ во селото Лапљем, во близина на Приштина, вели дека врз основа на планот и програмата на Република Србија кои тие ги спроведуваат, распадот на Југославија го следи во склоп на европските случувања - распадот на источниот блок, СССР и Чехословачка, и обединувањето на Германија.

„Интерес на големите сили беше да се распадне Југославија, пред се’ тоа беше интерес на Германија. Кога и да се обединува Германија, таа води експанзионистичка политика – значи дека се шири. За жал, тој пат кон Исток секогаш оди преку овие наши територии. Актуелната ситуација беше – или Србија ќе ги прифати тие воени бази и контролите врз светот кои ги има Западот или... Србија тоа не сакаше да го прифати. Албанците тоа го прифатија и веднаш ја добија таа меѓународна поддршка“, вели Петровиќ.

На друга страна, учениците кои наставата ја следат според косовскиот план и програма овој период го учат од поглавјата за албанскиот народ.

Демонстрациите во 1981 година влијаеле на распадот на Југославија

„Падот на Југославија се врзува и за демонстрациите од 1981 година. Тие го забрзаа распадот на една диктаторска држава и на тоталитарниот систем. Српската политика беше организатор на тој тоталитаризам, на оваа војна, овој масакр и веројатно акцентот малку повеќе е ставен на тоа, бидејќи тоа се’ уште е свежо и учениците тоа го доживеале директно или преку нивните семејства – болката од оваа војна. Ослободителната војска на Косово (ОВК) се изучува само во едно поглавје. Меѓутоа, професорите се многу внимателни и ставаат акцент на мирот и добрите меѓунационални односи“, вели Беќир Летај, професор по историја и заменик директор на гимназијата „Ѓон Бузуку“ во Призрен.

Петровиќ потсетува, а така пишува и во учебникот по историја, дека прашањето за Косово, но и за Голема Албанија, е покренато во 1878 година, кога е одржана Призренската лига. Тоа што се случи во 1990-тите години е само „кулминација на тие случувања“. Во наставата по историја косовската војна е прикажана „само информативно“, а ОВК како „терористичка организација“.

„Албанците ги споменуваме во рамки на Бујанската конференција, Првата и Втората Призренска лига, Повоениот период околу иселување на населението, демонстрациите... Ги спомнуваме и во рамки на Уставот од 1974, кога Косово добило ингеренции на република. Ги споменуваме во рамки на Првата балканска војна и за тоа како се создала државата Албанија. Имено, тие воопшто не учествувале во војната, туку тоа бил интерес на големите сили. За Србија да не добие излез на море – создадена е Албанија“, тврди професорката Петровиќ.

Мало внимание на историјата на Србите

И професорот Летај вели дека за историјата на Србите се посветува малку внимание.

Becir Letaj
Беќир Летај, професор по историја и заменик директор на гимназијата „Ѓон Бузуку“ во ПризренФотографија: DW/R. Alija
Jelena Petrovic
Јелена Петровиќ, професорка по историја во гимназијата „Миладин Митиќ“Фотографија: DW/R. Alija

„Кога се обработува средновековната историја на државата Арберија или подемот и падот на Византиското царство, во рамките на тоа поглавје, според византиските документи, Косово е споменувано како северна Албанија. Се вели дека во 1190 државата Рашка ја искористила смртта на едниот владетел во Константинопол и за првпат на подрачјето на Косово ги окупирала Приштина, Призрен и стигнала до Леже во Албанија. Уште се вели и дека сите земји населени со албански жители, како Грција и Бугарија, биле под владеење на царот Душан во 1331 година. Се напоменува дека од 1345 до1348 година Призрен бил главен центар на државата на царот Душан и по некое време главниот град преминал во Скопје“, објаснува професорот Летај.

И учениците поделени околу историјата

И учениците, во зависност од националната припадност, исто така се поделени. Иако во учебниците „информативно“ се говори за избивање на конфликтот на Косово во 1999 година, секој за себе има своја вистина. Тие исто така различно гледаат на статусот на Косово. Анѓела Лекиќ, матурантка во селото Лапљем, нема дилема:

„Косово е дел од Србија и секогаш ќе биде. Тоа што сега овие новопечени политичари како божем да се трудат Косово да биде самостојна држава, тоа јас мислам дека никогаш нема да биде, затоа што ние живееме овде и не сакаме да си одиме од овде“.

Од албанското гледиште ниту Рон Кастрати, матурант во призренската гимназија, нема дилема по тоа прашање:

„Косово го доби својот статус. Се знае – тоа е независно и суверено. Не успеаја и нема да успеат никакви обиди на Србија да го анулира сето она што овде е постигнато. Верувам дека ќе имаме поголем напредок и успеси кои ќе бидат наш патоказ“.

Сличен став има и Денат Волкан, негова сограѓанка и врсничка, која ја следи наставата на турски јазик.

„Косово е самостојна држава и така ќе биде. Не’ признаа стотина најразвиени и највилјателни држави во светот“.
 

Symbolbild Kosovo Serbien Einigung
И наставниците и учениците поделени околу историјатаФотографија: picture-alliance/dpa