1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Наскоро багери кај светското наследство

7 август 2010

Местото на листата на светско културно наследство на УНЕСКО носи и извесни обврски во урбанизмот. Изградбата на нов мост го чинеше Дрезден губење на тој статус. Но од тој случај во Германија беше извлечена поука...

https://p.dw.com/p/OcfM
Раскошна убавина на средниот тек на реката РајнаФотографија: picture alliance/Bildagentur Huber

Реката Рајна тече од Алпите до Северното море. Но токму во нејзиниот среден тек таа ги покажува сите свои волшебства и убавини. Моќната река која ги обиколува стрмните ридови украсени со лозја, не го воодушевила само поетот Хајнрих Хајне кој за прочуената карпа Лорелај која се надвиснува над Рајна напишал песна туку и бројни уметници и туристи како во минатото така и во сегашноста. Долго требаше тој можеби најгермански од сите пејсажи во Германија да биде ставен на списокот на заштитеното светско наследство на УНЕСКО.

Потребна е инфраструктура за засилен туризам

Жителите на овој регион се горди на природните убавини во кои живеат, но се свесни дека само од убавина не може да се живее. Рајна некогаш беше популарно место за одмор, но во меѓувреме овој регион го „преспа“ економскиот развој. Имено иако тоа подрачје е во срцето на Германија, таму речиси сто километри, меѓу градовите Мајнц и Кобленц нема ниту еден мост преку Рајна. Затоа жителите бараат инфраструктура и пред се’ мост.

Loreley am Rhein
Поглед кон прочуената карпа ЛорелајФотографија: picture-alliance/ dpa

Но, Хајнрих Хајне, Франц Лист, Клара Шуман и бројни други уметници кои во своите дела го овековечија овој пејсаж, можеби би биле помалку воодушевени доколку таму дојдеа со автомобил. И ставот на УНЕСКО за таквите градежни потфати во заштитени културни и природни знаменитости е многу строг.

УНЕСКО: Мостот може да се гради

Тоа веќе го почувствува германскиот град Дрезден, кој одлучи да изгради мост преку реката Елба на подрачјето кое истотака беше прогласено за светско културно наследство. УНЕСКО најнапред предупредуваше, потоа се закануваше, а кога Дрезден започна со изградбата на мостот УНЕСКO го избриша тој регион од својот престижен список.

Mittelrheintal Rheinbrücke - Planung Pläne
Проектот за мостот на Рајна се веќе готовФотографија: picture-alliance/dpa

Меѓутоа за разлика од Дрезден, овојпат одговорните за средниот тек на реката Рајна од самиот почеток соработуваа со стручњаците на УНЕСКО за да со спасат статусот на културно наследство, а сепак мостот да биде изграден. Конечно на конференцијата во Бразил беше дадена дозвола за мостот и одговорните во Германија уште еднаш беа предупредени дека еден од условите е тој мост без оглед колку е во склад со околината да не се гледа од подрачјето на прочуената карпа Лорелај- иако ќе се наоѓа во нејзина непосредна близина.

Во Светската организација за заштита на културното и природното богатство можат да живеат со еден таков проект и се надеваат дека тој ќе му помогне на економскиот развој на регионот.

Автор: СН/ АТ/ дпа

Редактор: Александра Трајковска