1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Насилство и мала излезност на изборите во Косово

Б. Георгиевски/дпа/афп4 ноември 2013

Првите локални избори по прогласената независност во поранешната српска провинција минаа со релативно ниска излезност меѓу граѓаните, и со насилства во мнозински српскиот дел од земјата.

https://p.dw.com/p/1AB3M
Фотографија: picture-alliance/dpa

Полицијата употреби солзавец за да ги прекине насилствата во северниот косовски град Митровица, каде противниците на учеството на локалните Срби на изборите кршеа гласачки кутии во обид да ги прекинат изборите. Во насилствата се повредени две лица, од кои една жена е со потешки повреди, откако маскирани напаѓачи влегле на гласачко место во Митровица.

Набљудувачите на ОБСЕ биле евакуирани од гласачките места во мнозински српските општини на северот на земјата, а голем број избирачки места биле затворени неколку часа пред предвиденото.

Локалните избори во Косово беа првите на кои Србите кои живеат во новата држава беа повикани да гласаат и од Приштина и од Белград.

Владата во Белград во повеќе наврати ги повикуваше граѓаните да излезат на гласање, наспроти повиците за бојкот од српските националисти кои сметаат дека со учеството на изборите се признава независноста на Косово.

На ниво на целата земја, излезноста на граѓаните беше околу 46 проценти, додека во српските општини на северот одзивот се движеше меѓу 7 и 13 проценти.

ДПК на Тачи со најмногу гласови

По првиот изборен круг, според неофицијалните резултати, во водство е владејачката ДПК на премиерот Хашим Тачи, која веќе освоила градоначалнички места во пет општини, и се наоѓа во водство во неколку други, во пресрет на вториот круг закажан за 1. декември. Тачи, како и лидерот на најголемата опозициска партија ДСК, Иса Мустафа, прогласија победи на изборите.

Kosovo Kommunalwahl 2013
Одзивот на локалните избори во Косово бил околу 46 процентиФотографија: Reuters

Останува нејасно што ќе се случува со изборите на северот на земјата. Од ОБСЕ соопштија дека од нивна страна не било побарано поништување на гласањето, но претставници на српските политички партии тврдат дека изборите ќе мора да бидат поништени. Слабиот одзив на српските гласачи може да биде дополнителен проблем за реализација на договорот за нормализација на односите меѓу Приштина и Белград, кој меѓудругото предвидуваше и интеграција на српските граѓани во косовските институции. Слабата излезност може да доведе до победа на некој од кандидатите Албанци, со што ќе се дискредитираат обидите за стабилизација на регионот, во кој досега владееја т.н. паралелни институции на Србите, на кои Белград им ја откажа поддршката.

Околу 1,7 милиони граѓани со право на глас имаа можност да гласаат за нова локална власт во 36 општини во Косово во вчера одржаниот прв круг од гласањето. Првичните официјалните резултати се очекува да бидат соопштени в среда, додека вториот круг е закажан за 1. декември.