1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Насилството продолжува во Франција

7 ноември 2005

- Денес, абсолутен приоритет е воспоставувањето на безбедноста и јавниот ред. Последниот збор треба да биде, зборот на законот, изјави францускиот претседател Жак Ширак, по вонредниот состанок на Советот за внатрешна безбедност на Франција.

https://p.dw.com/p/AcBU
Ширак за првпат се изјасни за немирите
Ширак за првпат се изјасни за немиритеФотографија: AP

- Републиката, целосно е решена да биде посилна од оние кои сакаат да сеат насилство или страв и тие што тоа го прават ќе бидат фатени, судени и казнети, додаде шефот на француската држава, кој беше принуден јавно да интервенира по бројните критики упатени на негова сметка заради долгото молчење. Ширак значи се определи за уште поголема строгост кон предизвикувачите на немирите, потврдувајќи ја досегашната репресивна политика на владата.

На состанокот беа договорени конкретни мерки, кои вечер пред телевизиските камери ќе треба да ги соопшти премиерот Доминик де Вилпан, кој претходно упати повик за смирување:

- Повикувам на одговорноста на сите, насилството не е решение, треба да бараме да им ги кажеме на најмладите, ризиците од тоа насилство. Ние сакаме да ги избегнеме сите драми.

Додека во Елисејската палата се одржуваше кризниот состанок на највисоките француски раководители, во париските предградија единаесетта ноќ по ред, насилството со несмалена жестокост, повторно беснееше. Ноќеска, според сеуште привремените пребројувања беа опожарени најмалку 800 автомобили, подметнати беа пожари и во училишта, цркви, полициски станици и во други јавни згради, околу 200 лица се уапсени, 34 полицјаци се повредени. Најжешко беше во Грињи, каде беше пукано врз полицијата, при што двајца припаднивци на редот беа потешко повредени.

- Го видов тој што пукаше врз мене. Носевме штитови, тој дојде на 15-20 метри од штитовите и стрелаше, за среќа не го проби штитот, сведочи еден од полицајците.

Нереди повторно беа забележани и во другите француски градови, како Стразбур, Сант Етијен, Рен, Ланс, Тулуз... Во Еври, општинската полиција откри мини работилница за изработка на молотови коктели, во која работеле малолетници, што ја потврдува тезата за организираност на нередите.

- Децата се манипулирани од возрасните, ние видовме возрасни со автомобили кои им носеа бензин, вели една мајка.

Младите од предградијата не ги уплаши ни повикот да се смират упатен од Унијата на Исламските организации на Франција, која изрече фатва со осуда на насилството и на оние кои го предизвикуваат.

Многумина се очајни од повеќедневното насилство, како градоначалниот на Ноази ле Гранд, Мишел Пажан според кој ситуацијата е абсолутно драматична и неприфатлива, вистински скандал. Сега ако државата е неспособна да не брани, ние ќе треба самите да се браниеме.

- Не ја сакам оставката на министерот за внатрешни работи, но тој треба да си ја врши неговата работа. Аболутна констатација на неуспех е кога еден градоначалник од левицата бара интервенција на армијата, вели Мишел Пажан.