1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Народот ќе им прости на политичарите кои ќе донесат одлука за промена на името“

15 февруари 2010

Интервју со Руфи Османи, градоначалник на Гостивар: ја гледам Македонија како бинационална држава, Албанците да бидат конститутивен и рамноправен народ. Во спротивно, ќе бидеме балкански модел на Сицилија и Калабрија.

https://p.dw.com/p/M1fN
Кај Македонците да исчезне стравот од етничка АлбанијаФотографија: DW

На политичката сцена повторно се јавуваат гласини и понуди за рекомпонирање на меѓуетничките односи?

Руфи Османи: Овие фрустрации на Албанците се легитимни и произлегуваат од задоцнувањата во имплементацијата на Охридскиот договор. Македонците не се одважија да дозволат албанскиот да биде официјален јазик во државата, немаа сили да извршат алокација на јавните финансии и буџет во краевите со доминантно албанско население.

Ако Македонците ја реализираа својата идеја да имаат независна држава, Албанците не успеаја да станат втор конститутивен народ во неа.

Оваа идеја ќе има перспектива, но ќе треба да почекаме да созрее свеста кај македонските политички и интелектуални елити.

Дали тоа оди во правец на федерализација на Македонија, вклучувајќи го и правото на Албанците за самоопределување до отцепување ?

Руфи Османи: Јас сум поборник на нетериторијална федерализација, со поголема локална автономија и со адекватна партиципација во распределбата на јавните финансии (буџет) на државата.

Со такво решение ќе исчезне стравот кај Македонците дека Албанците сакаат да направат етничка Албанија или нешто друго. Ако сите се интегрираме во ЕУ, ние ќе имаме и етничка Албанија, етничка Македонија, и етничка Србија на еден простор во регионот и не ќе има потреба од  нова рекомпозиција на териториите Балканот. Ако тоа се замислува само за еден народ или држава, тогаш домино ефектот ќе биде многу проблематичен за стабилизиација на регионот.

Дали верувате во нови конфликти во Македонија на мултиетнички план?

Руфи Османи: Мислам дека војните на Балканот се дефинитивно завршени. Таква критичка маса нема кај Албанците во Македонија, но има потреба од превенција. Немаме потреба од политички крупни грешки како што беше изданието на Македонската енциклопедија, инсистирањето Албанчињата првооделенци да го изучуваат македонскиот јазик, но не и Македонците да го учат албанскиот во средините, каде Албанците се доминантна етничка заедница. Или инвестиции од 200 милиони евра во време на голема економска криза и притоа погледајте кои се главно моноетнички и монорелигиозни.

Овие случаи, сами по себе или во комбинација создаваат дополнителни проблеми и во реализација на  компромисот со Грција.Тој компромис не е само прашање на идентитетот. Компромисот за името е дел и од развојната компонента на земјата, важна за нејзината иднина и стабилност.

Лично сум убеден дека нема критична маса кај Албанците за конфликт како оној од времето на 2001 година.

Како и каде го гледате решението на грчко-македонскиот спор како услов за внатрешна стабилност на земјата?

Руфи Османи: Меѓународниот фактор направи круцијална грешка што дозволи во агендата за прием  во НАТО и ЕУ името да биде критериум. Сега таа меѓународна заедница е морално обврзана да понуди решение за спорот околу името прифатливо за двете страни.

Тоа би значело промена на името со сочувување на националниот идентит и јазик на македонскиот народ. Очекувам дека актуелниот премиер на Грција ќе го направи тој чекор кон ваква спогодба.

Мислите ли дека во Македонија има храбри политичари да донесат такви одлуки?

Руфи Османи: Засега не. Но тие ќе мора да созреат и да сфатат дека во овој историски миг тие владеат со државата и ќе мора да го понесат товарот на одлуките, бенефитот, но и последиците од решенијата на грчко-македонскиот спор. Откако ќе се донесе таква одлука, народот ќе им прости – бидете сигурни.

Во Гостивар да се направи споменик на Џемо, а да се тргне бистата на херојот Филиповски. Дали оваа иницијатива е  нов тест за Вас или за мултиетничката кохабитација?


Руфи Османи: Должни сме да отвориме дијалог со аргументи. Организацијата Бали комбетар за Албанците е исто што и ВМРО-ДПМНЕ за Македонците. Од историска гледна точка треба да имаме објективен пристап и валоризација на историските улоги на овие личности, да не дозволиме историјата да биде нова пречка во развојот на државата за добробит на сите во неа.

Како ја оценувате финасиската децентрализација. Дали во распределбата на средствата има тенденција од централната власт да не се инвестираат државни пари во таканаречените албански општини?

Руфи Османи: И оваа влада има ригиден став кон  реализацијата на децентрализацијата како најбитен елемент од Охридскиот договор. Како пример-за општина Гостивар не се планираат во 2010 година ниту еден денар во инвестиции во образованието, патишта, водовод, култура, спорт. Македонија и натаму е една од најцентрализираните држави во Европа од гледна точка на финасиите.

Партиската книшка е главен критериум за вработување во јавната администрација?

Руфи Османи: Најголем проблем во селекцијата на кадрите е во партиите. Не се користат демократските модели на меритократија ни кај изборот на пратеници, министри, директори на јавни претпријатија. Предност имаат партиските аргати, а не образовани и способни личности. Партиската лојалност не се применува само во јавната администрација, туку се‘ повеќе и на универзитетите. Тоа значи деградација на образованието, на услугите што им се нудат на граѓаните.

Со последната резолуција на Европарламантот, покрај подршката за Македонија, се бара реформа на јавната администрација. Но сега има два паралелни процеси – од еднастрана прием по етнички клуч, но и пребукираност и превработеност во јавниот сектор, особено администрацијата?

Руфи Османи: Имаме вишок од најмалку 50 илјади луѓе во администрацијата и државната управа. Затоа е се одвиваат паралелни процеси, се вработуваат кадри Албанци кои седат дома, но и владејачката партија кај Македонците прима забрзано свои кадри. Тоа води кон урамниловка, ниски плати, никакви услуги во администрацијата и нејзина неодговорност и мерливост. Јазолот мора да се пресече, но не гледам политичари подготвени во централната и локалната власт за вакви длабоки реформи во јавната администрација..

Најавувате „кам бек“ во политиката и формирање своја партија. Се лоциравте во центарот, што се толкува како намигнување кон премиерот Груевски?

Руфи Османи: Идеите на таканаречениот центар како идеологија се и моја професионална преокупација на факултет.

Постои и една пречка. Јас имам анимозитет кон лидерот на опозицијата, Бранко Црвенковски, кој во 1997 година непотребно ја направи гостиварската трагедија, имаше жртви, јас одлежав во затвор една година.

Објективно, економски гледано, имам допирни точки со премиерот Груевски. Но политички гледано, ние многу се разликуваме. Јас Македонија ја гледам како бинационална држава, Албанците да бидат конститутивен и рамноправен народ. Со такво уредување Албанците ќе може да се идентификуваат со Македонија како нивна матична држава и ќе придонесуваат за заеднички живот и развој. Во спротивно се плашам дека ќе останеме изолирани, ќе бидеме балкански модел на Сицилија и Калабрија, мафијашка земја, заедно со некои од соседните околу нас.

Автор: Александар Чомовски

Редактор. Жана Ацеска