1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Народот сака избори без насилство

28 мај 2011

Центарот за слобода „Цивил“, невладина организација, во рамки на проектот „Избори без насилство 2011‘‘ од средината на мај води кампања за јакнење на јавната свест против насилство за време на изборниот процес.

https://p.dw.com/p/11PoN
Апел за мирен тек на изборитеФотографија: DW

Вториот дел од проектот е медиумската кампања која оди во електронските и печатените медиуми во Македонија, со пораки дека народот сака избори без насилство. Преку свои координатори „Цивил“ ја спроведува во над дваесет општини во цела Македонија, каде покрај негови членови се вклучени и членови на поголемите партии во тие места, претставници на Единиците за превенција при МВР, на локалната власт и на невладиниот - граѓанскиот сектор.

Досега кампањата само со помали инциденти

Во Македонија досега добро функционира кампањата и немаме поголеми инциденти, оценуваат од „Цивил“, Центарот за слобода. Во рамките на кампањата „Избори без насилство 2011‘‘ се вршат секојдневни јавувања и испраќања на извештаи од координаторите од сите општини во Македонија вклучени во проектот или дирекно од партиите, потенцира за Дојче веле Илир Ајдини, менаџер на проектот за односи со јавноста и појаснува:

„Можеме да заклучиме дека овие избори поминуваат релативно мирно, нема поголеми инциденти. Има по нешто, како кинење на плакати кое се пријавува, некои мали оштетувања на Изборните штабови во општините и.т.н. Се надевам дека ќе продолжи мирно‘‘.

Wahlen Mazedonien
Фотографија: DW

Стравување од можни инциденти на денот на изборите

Но, како наближува денот на изборите, стравуваме, велат од „Цивил“, дека може да се загрее атмосферата, да се случат поголеми инциденти. А како тие делуваат на тој план превентивно?

„Она што го прават нашите работни групи и нашиот севкупен тим мислам дека досега даде резултати. Затоа што се вклучени директните учесници во изборните активности и тие одлучно ги пренесуваат пораките не само од „Цивил“. Тоа се пораки на јавноста, која сака мирни, цивилизирани, нормални избори‘‘, велат од „Цивил“.

На самиот ден на гласањето, појаснуваат од „Цивил“, нивните координатори се акредитирани од Државната изборна комисија и ќе набљудуваат и имаат право да влегуваат на избирачките места. Но нивната цел не е следење на конкретната регуларност на изборите, дали има групно гласање, дали има наведување и слично. Главна цел е следење на евентуалните инциденти, потенцира Ајдини и појаснува:

„Во таа смисла и нашите активисти на теренот, а и самите ние имаме мобилна екипа која по потреба ќе се појавува на различни места, било каде во Македонија. Нејзината функција е да регистрира, да нотира дали има било каков вид на насилство‘‘.

Mazedonien Land und Leute Mutter mit Kind in Skopje
Граѓаните не сакаат насилство на изборитеФотографија: Petr Stojanovski

„Цивил“ одлично соработува со МВР

Имаме постојана и одлична соработка со претставниците на Секторот за превенција и насилство при МВР, која ќе биде и на самиот ден на изборите и ако први увидиме некои насилства, ние навреме и ќе ги информираме, потенцираат од „Цивил“.

„Меѓусебно се информираме. Нашите сознанија доколку дојдат пред нивните, ние им ги пренесуваме и согласно законите се превземаат соодветни мерки‘‘.

Политичката култура е се‘ уште на ниско ниво

Од „Цивил“ изразуваат недеж дека на претстојните избори на 5 јуни ќе завладее разумот и нема да настанат инциденти. Но тие заклучуваат дека во Македонија за жал нивото на политичката култура е се‘уште ниско, а отсуството на дијалог, отворените непријателства меѓу водечките политички фигури, деградацијата на демократските институции и кршењето на човековите права веќе подолго време се симптоми врз чија основа лесно може да се антиципира дека може да има насилство на овие избори. А нашата главна цел е, велат од „Цивил“, тоа навреме да се спречи.

Автор: Антоанела Димитриевска

Редактор: Жана Ацеска