1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Народна кујна во Велес

Антоанела Димитриевска1 јуни 2006

Околу стотина лица од категоријата најзагрозени ќе примаат по еден топол оброк. Ручекот од супа, манџа и салата, во прво време во домашни садови, ќе им се дели преку неколкуте детски градинки во градот, каде и се подготвува.

https://p.dw.com/p/Addm
Фотографија: dw-tv

Родна Јанчова, директор на Центарот за социјална работа појаснува дека најголем дел, 90% од корисниците се од категоријата која прима постојана парична помош, а избрани се според следните критериуми: “Прво тоа треба да бидат постари лица, кои што се корисници на постојана парична помош, лица кои што немаат доволно средства за егзистенција и не се во состојба да си обезбедат храна, претежно лица кои се без семејна грижа и немаат блиски роднини кои се по закон должни да ги издржуваат.“

Но, тука има и лица од други категории: “Во тој список се внесени и други семејства за кои Центарот сметаше дека им е неопхдоно потребна ваква помош за да можат да опстанат. Тука се неколку самохрани родители, потоа корисник на социјална помош, не на постојана помош, но сепак на социјална, а тоа е семејство кое е во исклучително тешка состојба , поради тоа што има членови кои се со ментална ретардација, физички инвалидитет и слично “, вели Јанчова.

За неподвижните и изнемоштените лица, храната ќе може да ја подигнува и друго лице – новен старател или близок роднина.

Вера Ристова има 69 години, живее сама и е немоќна да се прехрани. Таа вели: “Ова е кучешки живот. Немам ниту пензија, ни ништо. Немам ни шпорет, ни струја, ништо. “

Ката Арсова, самохрана мајка на 45 годишна возраст, инвалид во количка со 12 годишне син, кажува:

“Вака сум уште од дете, од 6 месеци. Така се борев со животот. Сигурно дека кујната е некое олеснување со оглед на парите што ги земаме. Тие пари не стигнуваат – дали за струја, дали за вода, дали за детето за на училиште, да му купиш книги и нешто да се облече. “

Иницијаторот на народната кујна, градоначалникот Аце Коцевски, за овој хуманитарен проект вели: “Мене во овој момент ми е најважно овој проект да го направиме одржлив, да имаме сигурна гаранција од државата, од Министерството за труд и социјална политика дека проектот ќе се реализира континуирано и во наредните години за да им помогнеме на граѓаните на Велес на кои им е најнеопходна помош за да добијат барем еден квалитетен оброк во текот на денот.“