1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Напаѓачот од Тулуз продолжил да преговара

СН/ЕМФ/афп/мф/ртр21 март 2012

По најавата дека прекинал да преговара со полицијата осомничениот напаѓач од Тулуз, кој е опколен во неговиот стан, повторно воспоставил контакт со полициските преговарачи.

https://p.dw.com/p/14OYT
Фотографија: Reuters

Француската полиција попладнево (21.03) соопшти дека лицето осомничено за последниот напад во Тулуз, во кој пред еврејско училиште беа убиени три деца и еден рабин, како и за претходните убиства на уште тројца француски војници во регионот, продолжило да преговара со полицијата која ја има опколено зградата во Тулуз во која се наоѓа неговиот стан. Полициските сили навлегоа во зградата пред зори и се обидуваат жив да го уапсат осомничениот .

Тој e идентификуван како Мохамед Мера, француски државјанин со алжирско потекло на возраст од 24 години. Францускиот министер за внатрешни работи Клод Геан претходно изјави дека Мера престанал да преговара, но полициски службеник на лице место во меѓувреме за агенцијата Франс прес изјави дека попладнево осомничениот повторно воспоставил контакт со полицијата. Полицискиот службеник сакал да остане анонимен поради сериозноста на операцијата.

Радикален исламист

Во меѓувреме, сите станари од зградата во која осомничениот се крие се евакуирани преку покривот и се префрлени во локалната касарна. Француските медиуми објавија дека Мера минал обука во терористички кампови на границата меѓу Пакистан и Авганистан. Работел и живеел во Франција и две години се обидувал да влезе во Легијата на странците, но бил одбиен. Тој за себе тврди дека е исламистички радикален активист. Бил апсен и за други кривични дела. Француската разузнавачка служба со години трага по осомничениот исламист кој ја презел одговорноста за неколку други напади, соопшти министерот Геан.

Frankreich Terror Anschlag Verhaftung in Toulouse Polizei Belagerung
Полициската операција трае од зориФотографија: dapd

Освен братот на напаѓачот од Тулуз, во средата полицијата ги уапси и мајката на осомничениот, како и девојката на братот. Мајката на осомничениот, според полициски извори, е донесена пред зградата во која тој се наоѓа и се обидува да зборува со него и да го убеди да се предаде. Осомничениот им рекол на преговарачите дека убил за да ја казни француската војска која со меѓународна интервенција предизвикала страдање на палестинските деца.