Напад врз резиденцијата на германскиот амбасадор во Атина
30 декември 2013Повеќемина напаѓачи во раните утрински часови стрелале врз разиденцијата на германскиот амбасадор во Атина, соопшти полицијата. Во нападот со калашников-автоматско оружје нема повредени. Најмалку четири куршуми ја погодиле металната врата на резиденцијата, која се наоѓа зад безбедносен ѕид на една многу прометна улица. Истражните органи пронашле десетици чаури, според едни агенции 15, додека грчките медиуми пренесуваат дека полицијата пронашла најмалку 50 чаури.
Се смета дека вкупно четворица сторители со два мотоцикли дошле до резиденцијата. Тие стрелале во воздух и врз резиденцијата. Сторителите најверојатно свесно одбегнале да стрелаат во правец на чуварот.
Полицаецот, кој ја чувал резиденцијата, не го употребил својот пиштол, поради станбените згради во околината. Областа каде се наоѓа резиденцијата е затворена од полицијата.
Според некои информации анти-терористичките единици на полицијата веќе уапсиле три лица, додека други извори говорат за шест упасени лица во врска со инцидентот. Засега нема укажувања дека се работи за некоја конкретна организација, која би стоела зад нападот.
За инцидентот премиерот на Грција Андонис Самарас и министерот за јавен ред Никос Дендиас веќе разговарале со германскиот амбасадор во земјата, Волфганг Долд. Министерот за надворешни работи Евангелос Венизелос вети дека сторителите ќе бидат повикани на одговорност.
Поради должничката криза во Грција меѓу населението повеќепати се изразува непријателство кон Германија. Противниците на реформскиот курс сметаат дека германската влада во прва линија е одговорна за строгиот курс на штедење, кој Грција мора да го спроведува за да ја добива меѓународната помош.
Германската амбасада во Атина последен пат беше цел на напад во 1999. година. Тогаш екстремистите испукаа ракета врз зградата, која го погоди покривот. Одговорноста за овој напад ја презеде илегалната организација „17 ноември“. Оваа група беше активна од 1975. година сѐ додека не беше разбиена во 2002. година и ја презеде одговорнсота за 23 убиства и голем број други напади.