1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нападната фабрика со оруже

Кај Кистнер22 август 2008

Во две експлозии во Пакистан загинаа најмалку 64 лица, а повредени се околу 60. Полицијата соопшти дека атентатори самоубијци се кренале во воздух пред два влеза на една фабрика за оружје, северозападно од Исламабад.

https://p.dw.com/p/F2i0
Фотографија: AP

Поради промената на смената на работниците, во тоа време на тие места имало особено многу луѓе.

„Кога го оставив велосипедот видов куп повредени. Големиот дел од нив ги носевме во возила по што беа префрлени во болница. Целиот дел овде беше полн со крв. Глетката беше страшна“, раскажува очевидец на настанот.

Атентаторите повторно за своја цел одбраа воен објект, но со оглед на тоа што не им успеало да влезат во фабриката, се кренале во воздух на влезовите во неа. Одговорноста за нападот побрзаа да ја преземат Талибанците и се заканија уште еднаш дека ќе има и натаму крвопролевање доколку владините сили не престанат со акции против нив во племенските региони.

Секогаш е виновен другиот

На северозапад на Пакистан со недели армијата води тешки борби со екстремистите. Притоа загинаа стотици луѓе, а илјадници избегаа од регионот. Јасно е дека три дена по оставката на Мушараф земјата не се смирува, а коалиционата влада има полни раце работа. Портпаролот на една од партиите кои седат во владата, ПМЛ-Н, Сидик ул Фарук, го осуди нападот: „Тоа едноставно е варварство. Потребна ни‘ е политика на национално ниво дури и ако е тоа само поради самоодбранбени причини. Во овие варварски акти препознаваме ракопис од странство.“

Без да биде споменато името Авганистан, речиси секојдневно вината му се префрла на соседот. Авганистан постојано се жали дека бунтовници од Пакистан ја минуваат неговата граница, а Пакистан, пак, го обвинува Авганистан дека не може да ја контролира границата.