Напади и закани врз конгресмени во САД
25 март 2010Неколкумина конгресмени се под постојана заштита на полицијата и на ФБИ. Лидерот на демократите во Конгресот, Стени Хојер соопшти дека најмалку десетмина конгресмени пријавиле сериозни инциденти по неделното гласање за реформите со кои им се овозможи на сите Американци да добијат здравствено осигурување.
Противниците на реформите, најчесто од радикалните десничарски организации и конзервативци, испратиле серија смртни закани кон поддржувачите на законот. Неколкумина конгресмени добиле вербални или интернет закани дека ќе бидат убиени. Најмалку двајца пријавиле дека нивните домови или канцеларии биле нападнати со цигли и камења, додека во куќата на братот на еден пратеник бил пресечен доводот на гас.
Закани биле упатувани и кон децата на законодавците кои гласале за законот.
Претставници на Републиканската партија ги осудија инцидентите и соопштија дека насилството е неприфатливо. Неколку конзервативни интернет-блогери се под истрага и поради тоа што повикувале на ликвидација на претседателот Барак Обама.
Автор: БГ/ЖА/афп/ап