1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Напади врз амбасади во Сирија

13 ноември 2011

По одлуката на Арапската лига да ја суспендира Сирија од организацијата, приврзаници на сирискиот претседател Башар ал-Асад нападнаа неколку дипломатски претставништва во земјата.

https://p.dw.com/p/139qc
Фотографија: DW

Стотици луѓе вчеравечер (12.11) ја нападнаа амбасадата на Саудиска Арабија во Дамаск, извикувајќи притоа пароли со поддршка на претседателот Асад. Слични напади имаше и врз францускиот и турскиот конзулат во градот Латакиа.

Саудиска Арабија остро го осуди нападот и ги обвини сириските безбедносни сили дека не интервенирале. Министерството за надворешни работи во Ријад соопшти дека група демонстранти се собрала пред амбасадата, фрлала камења и го нападнала објектот. Сириските сили не сториле ништо за тоа да го спречат, се вели во Ријад. Саудиска Арабија, инаку, го повлече својот амабсадор до Сирија уште во август годинава, откако претходно ја повика Сирија да прекине со примена на насилство врз демонстрантите во земјата.

Ägypten Kairo Treffen Arabische Liga November 2011 Ausschluss Syriens
Арапската лига вчера (12.11) донесе одлука за суспензија на СиријаФотографија: dapd

Арапската лига вчера ја суспендира Сирија и побара членките на организацијата да ги повлечат амбасадорите од Дамаск. Сирија веднаш реагираше на одлуката на Арапската лига и ја критикуваше за „нелегална“. Суспендирањето противречи на основачкиот акт на организацијата, изјави сирискиот амбасадор во Арапската лига. Според Сирија, одлуката од Каиро докажува дека Лигата „следи програма диктирана од САД и Западот“.

Генералниот секретар на ОН Бан Ки Мун го поздрави заклучокот на Арапската лига, нарекувјаќи го „силна и храбра“ одлука за заштита на цивилите. Германскиот министер за надворешни работи Гидо Вестервеле одлуката ја оцени како важен сигнал и побара реакција на Советот за безбедност. Вестервеле, освен тоа, најави дека ЕУ има намера во текот на утрешниот ден да договори натамошни санкции против Сирија, кои би опфаќале ограничување на слободата за патување на сириски претставници, како и финансиски казнени мерки.

Автор: ЕМФ/ртр/афп

Редактор: Ж. Ацеска