Наместо поштар - беспилотно летало
15 декември 2013
Компанијата Амазон минатата недела најави испорака на пакети со беспилотни летала што предизвика голема возбуда. Во понеделникот (09.12.2013) и Дојче пост ДХЛ за прв пат испорача воздушна пошта со беспилотно летало- летечкиот поштар донесе пакет преку Рајна и со тоа го положи тестот на фирмата. Но поштата- како ни Амазон- сѐ уште нема конкретни планови кога ќе ги ангажира леталата во регуларна испорака.
Но дали таквата опција на испорака, економски гледано, воопшто би имала смисол? „Во секој случај би била интересна“, вели Херберт Коцаб, економист и стручњак за логистика од Универзитетот во Бремен. Примената на беспилотни летала за испорака на стока пред сѐ би можела да го намали сообраќајот во големите градови: „Премногу испорачувачи на стока возат некоординирано натаму-наваму, досегашните концепти не ги користиме оптимално.“
Има смисол за зафрлени локации
Во руралните области, каде редовните поштенски автомобили за одделни испораки би биле економски неисплатливи, беспилотните летала би биле алтернатива. Така на пример во Скандинавија или во Австралија се користат авиони за испорака на пошта во зафрлените локации. Со тоа генерално може да се намали сообраќајот на улиците, вели Коцаб. „Тука ќе дојде до пореметување на сообраќајот бидејќи беспилотните летала го користат просторот над нашите глави за кој баш и немаме важечки сообраќајни правила.“
Засега уште нема јасни одредби за пуштање во употреба на мали летала. Технички веќе би била можна сателитска навигација по пат на Џи-Пи-Ес, но од безбедносни причини беспилотните летала можат моментално само да се користат во видокругот на пилот на земјата и да летаат само до определени висини. Покрај тоа, во Германија приватните летови не се толку строго регулирани како комерцијалните. И во САД, според зборовите на шефот на Амазон, Џеф Безос, Американската агенција за авијација не ги дозволила тестовите и користење на тие уреди.
Главен проблем- човекот
За Херберт Коцаб главен проблем за беспилотните летала не се исплатливоста, ветерот и дождот, или одредени закони: тоа се пред сѐ луѓето кои нешто порачуваат и го добиваат испорачано. „Човек може многу едноставно да порача нешто на интернет, стоката во центарот за сортирање се подготува за испорака и потоа стигнува до неговата дестинација. Но ако нема никој дома, беспилотното летало не може да ја испорача стоката. Прашањето, каде луѓето ќе сакаат да го преземат пакетот, е одлучувачко“, смета Коцаб.
Според стручњаците за логистика, користењето на беспилотните летала би имало смисол на ограничени простори. На пример на големите терени на фирмите, кои се протегаат на повеќе квадратни километри, би можела да се испорачува поштата за фирмата. Но што се однесува до центарот на градот, Коцаб е скептичен. Наместо прескапи испораки со хеликоптер, би можеле да се користат беспилотни летала. Но се наметнува прашањето: „Дали е беспилотното летало побрзо од тунелот?“ Бидејќи и концептот за испорака на стока по подземни патишта, со метро, е можно сценарио за намалување на сообраќајот на улиците. Можеби размислувањето за користење на летала ќе придонесе старата добра „пневматска“ пошта да доживее ренесанса.