1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Наместо повисок ДДВ, да се намалат владините трошоци

Костадин Делимитов17 септември 2012

Експертите се изненадени од барањата на бизнисмените за зголемување на ДДВ-то. Владата не прифаќа, но и не признава дека долговите се реалност. Експертите сугерираат одговорна владина политика кон стопанството.

https://p.dw.com/p/16ABr
Фотографија: BilderBox

Бизнисмените во Македонија бараат зголемување на Данокот на додадена вредност како една од мерките за справување со проблемот со неликвидноста. Стопанската комора на Северозападна Македонија јавно ја прозва Владата да ја зголеми стапката за да има повеќе пари во фондовите, а со тоа и за исплата на долговите кон стопанството. Експертската јавност е изненадена што ваква непопуларна мерка се предлага од бизнис заедницата, а не од Владата како креатор на фискалната политика.

Универзитетскиот професор Зоран Ивановски предупредува дека ваквото решение би било контрапродуктивно и за компаниите и за граѓаните. Решението за актуелната криза според него треба да се бара кај Владата: „Решавањето на проблемот треба да се бара кај Владата која треба да направи селекција и приоритети на одредени расходи, во смисла на побрзо враќање на ДДВ и побрза исплата на достасаните обврски. На тој начин би се зголемила ликвидноста, а тоа би дало и дополнителен импулс за развојот на економијата“, смета Ивановски.

Symbolbild Geld und Wachstum
Повеќе пари за ДДВ - продуктивно или контрапродуктивно?Фотографија: Fotolia/Frog 974

Со сличен став е и неговиот колега и поранешен министер за финансии Никола Поповски: „ Ако се зголеми ДДВ-то ќе се зголеми и кумулираниот долг што треба да се врати. Мислам дека треба да се скратат владините трошоци, бидејќи тие се големи“, смета Поповски.

Бизнисмените се свесни дека станува збор за болно решение, но инсистираат на негова примена. Предупредуваат дека стопанството нема пари за враќање на кредитите и за плаќање на давачките кон државата:

„Тоа е едно крајно решение кое е подобро да се направи отколку да тапкаме во место. Тоа од наша страна покажува колку сме отворени и флексибилни за што било што води до решение“, изјави за Дојче Веле Мендерес Кучи, претседател на Стопанската комора на Северозападна Македонија.

Symbolbild Geld Münzen
Фотографија: Marcio Eugenio - Fotolia.com

Оваа бизнис асоцијација до владата достави и предлог антикризни мерки за што чека одговор. Од Владата велат дека сите налози се исплаќаат согласно законските термини и не се планира зголемување на даноците. Неликвидноста на стопанството била главно последица на надворешни фактори, односно европската криза. Како инструмент за подобрување на наплатата Владата воведе задолжница. Но, таа важи само за регулирање на должничко-доверителските односи меѓу компаниите, а не и за долгот на државата кон фирмите. Во Македонија данокот на додадена вредност се пресметува по два основа. Општа, која изнесува 18%, и повластена од 5%.