1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Надеж за финансиска помош од ЕУ и за Хрватска

Емир Нумановиќ / Александар Методијев10 мај 2013

Во однос на банките, главниот проблем во Хрватска се ненаплатените побарувања, вели Мартин Штелцендер, аналитичар за Хрватска во Рајфајзен банк во Виена. Втор проблем е слабата побарувачка на кредити.

https://p.dw.com/p/18UwH
Фотографија: picture alliance/Beate Schleep

Австриските банки во Хрватска се надеваат на финансиска поддршка од ЕУ, која пред се’ би ги санирала државните финансии.

„Тие финансии во последните години не се во добра состојба, а со нивната санација би се создале стабилни услови за економско делување, што потоа би привлекло и странски инвеститори. Нив во последните години исто така ги немаше многу“, вели Мартин Штелцендер, аналитичар во виенската централа на Рајфајзен банк, кој е задолжен за Хрватска.

Втора надеж на оваа банка се парите од европските фондови во областа на животната средина, транспортот и обновливите извори на енергија. Банките сметаат дека ваквите проекти само делумно би се финансирале од фондовите на ЕУ, а останатите средства би биле нивни кредити.

Укинување на административните пречки

Австрискиот финансиски експерт оценува и дека со влезот во ЕУ во Хрватска ќе започне контролирано да се издаваат кредити, па „претпријатијата со слаб профит ќе испаднат од игра, што долгорочно нема да биде товар за хрватската економија“.

Raiffeisen Bank Wien Martin Stelzeneder
Мартин Штелцендер, аналитичар во виенската централа на Рајфајзен банкФотографија: Raiffeisen Bank

Владимир Глигоров, економист од Виенскиот институт за меѓународна економски студии, исто така вели дека финансиската помош од ЕУ за Хрватска, во комбинација со парите од европските фондови, би можела да ја поправи хрватската економија. Сепак, Глигоров вели дека не треба да се очекува премногу.

„Хрватската економија се наоѓа во многу комплицирана ситуација, а и самата европска економија, според најновите анализи, и оваа година ќе биде околу нула, ако не и во блага рецесија. Следната година ситуацијата во ЕУ сепак можеби ќе се поправи и тука евентуално би постоела шанса преку проекти да се дојде до пари од фондовите на ЕУ“, вели Глигоров.

Колку овие пари ќе го помогнат хрватското стопанство зависи пред се’ од самата Хрватска која допрва пристапува кон ЕУ и се поставува прашањето колкава е нејзината апсорбирачка моќ. Со други зборови, колку од тие пари од ЕУ може да повлече хрватската економија.

„Бидејќи тоа не е трансфер на пари. Тие пари се врзани за проекти. Потребно е тие проекти да се подготват и разгледаат, а тоа во ЕУ оди многу бавно. До сега беше така што секогаш ефектот од тие пари беше одложен. Имате земји кои во тоа беа многу делотворни, на пример Словенија, а имате и земји кои тоа го работеа многу лошо, на пример Романија. Каде ќе биде Хрватска – тоа допрва ќе го видиме“, вели Глигоров.

Ненаплатливи побарувања

Vladimir Gligorov
Владимир Глигоров, економист од Виенскиот институт за меѓународни економски студииФотографија: Institut für Internationale Wirtschaftsvergleiche Wien

Што се однесува до банките – основниот проблем во Хрватска е ненаплатата на побарувањата, оценува Глигоров. Според него, проблемот се создал во најголем дел поради проблемите во градежништвото. Другиот проблем е слабата побарувачка на кредити.

„Приватната и јавната потрошувачка се под голем притисок, извозот нема голема динамика, така што не е реално да се очекува дека банките во Хрватска и натаму ќе се раздолжуваат кон странство, што инаку е тренд во последниве неколку години“, вели Владимир Глигоров.

Но, проблемот не е во недостаток на пари, бидејќи банките во Хрватска се многу ликвидни. Проблемот е во недостатокот на побарувачка на кредити. Со други зборови кажано – проблемот е во недостатокот на деловни идеи. Приватната потрошувачка во Хрватска е под притисок, стапката на невработеност е висока, а извозната побарувачка е мала.

„Во време кога другите источноевропски земји пристапуваа кон ЕУ, трансферот на капитал од развиените во помалку развиените земји беше главниот поттикнувач на растот. Сега ситуацијата е поинаква. Финансискиот сектор е многу внимателен и добро анализира каде има знаци за заздравување на економијата, за таму да ја бара својата шанса и таму да се ангажира. Сега финансиите повеќе зависат од заздравувањето на економијата, додека порано беше случај економскиот раст да зависи од финансиите“, објаснува економистот Глигоров.

Но, таа сосема нова ситуација не е карактеристична само за Хрватска, туку за целата Европска унија.