1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Надеж“ дава надеж

Елизабета Милошевска Фиданоска4 ноември 2013

Претседателката на Ц.С.И „Надеж“, Клара Илиева, во интервју за Дојче веле зборува за проектите и плановите на оваа невладина организација, која со години се ангажира за помош на социјално најранливите категории граѓани.

https://p.dw.com/p/1A9fD
Фотографија: privat

Колку време постои организацијата „Надеж“ и кои се нејзините задачи?

„Организацијата ’Надеж’ се роди од проектот за реинтеграција на Ромите, којшто беше реализиран од страна на ’Каритас’ од Есен, Германија. По завршување на тој проект, објектите со кои располагаше Владата на Северна Рајна Вестфалија, ’Надеж’ ги наследи на некој начин, со ветување дека ќе ги продолжи активностите, социјалните програми на ’Каритас’, во рамките на своите програми како нова организација. Како што ветивме, така и сторивме. Во текот на целото ова време континуирано функционира Младинскиот центар и функционира ’Надеж’ на полето на образованието, претежно преку помош на ромските деца, бидејќи се наоѓаме во срцето на Шуто Оризари. Тука ни се и просториите, во срцето на најголемата ромска населба во Европа и можноста да им помогнеме на оние на коишто тоа им е најпотребно на полето на образованието. Досега покажавме добри резултати во нашето работење.“

На што работите во моментов?

„Во моментов работиме на проект наречен ’Образование преку улична социјална работа’. Проектот започна далечната 2005. година со една пилот програма, финансирана од фондацијата од Берлин ’Schüler Helfen Leben’ (СХЛ) којашто финансираше 100 деца од улица кои требаше да бидат вклучени во редовниот процес на образованието. Изборот беше случајно направен. Одејќи и гледајќи ги децата како бришат ветробрани на возилата, дојдовме до заклучок дека треба да се направи истражување и да се изберат децата. СХЛ ни даде поддршка и така започнавме, постигнавне резултати и наредната година вклучивме 377 деца во Скопје. Ги набавуваме школските книги и материјали, а откако Владата почна со набавка на школски книги, ние ги покриваме децата само со школски материјали. Тоа е една мала помош и за семејствата, бидејќи работиме со семејства од кои 80% се приматели на социјална помош, а останатите 20% исто така припаѓаат на сиромашни семејства, меѓутоа поради тоа што живеат со лица кои се приматели на пензии, тие не можат да примаат социјална помош. Во моментов работиме со 119 семејства, со 140 деца, а од септември ќе даваме поддршка на 120 деца. Поддршката на почеток се состоеше од школски книги и материјали, чанти, задолжително, два пати годишно, дававме хуманитарна помош во користена облека на децата од нашиот проект, но исто така и на децата во училиштата коишто имаа потреба од таква помош. Плаќавме ужинка на децата вклучени во проектот и работевме на едукација на родителите, односно работилници од различен тип. Последните три години, во соработка со Црвениот крст во Скопје, работиме и со ’Peer’ едукација, односно ’од деца за деца’, значи деца помагаат на деца. Натаму, работиме на полето на здравствена едукација во соработка со организацијата ’Хера’ во Шуто Оризари, каде што се вклучени деца, а и родители во одредени едукации од областа на здравството, соработуваме со амбулантата од Шуто Оризари каде што на децата од Визбегово им помагаме за имунизација и на нивните родители за потреби од здравството, како ПАП-тест и слично. Во рамките на образованието ги следиме децата, нашите социјални работници се постојано на терен и соработуваат со семејствата.“

На колку деца им е помогнато досега, откако постои организацијата?

„Ако се вратам наназад, од 1993. година до 2005. година отприлика на 100 деца дневно им се помагаше во Младинските центри. Нашите социјални работници работат и со други ранливи групи и имаат поминато повеќе од 15.000 дена на терен. Два пати годишно даваме хуманитарна помош на повеќе од 500 семејства, тоа е во последните 10 години. Тука сакам да нагласам дека оваа година имаме прекин на хуманитарната помош, бидејќи последниот пат не можевме транспортот да го ослободиме од царина, и покрај тоа што ги имавме уредно документите од Министерството за труд и социјална политика. Не е лесно да се собере хуманитарна помош од Германија, да се транспортира, тоа сето чини и овде пет дена не успеавме да го ослободиме од царина. Луѓето се вратија назад и веќе не добивме хуманитарна помош. Правиме напори оваа година повторно да се организираме, имаме максимална поддршка од Министерството за труд и социјална политика, меѓутоа не знаеме како повторно ќе го решиме проблемот со царината. “

Каде е проблемот со царината?

„Мислам дека беше проблемот во толкување на законот, бидејќи во пратката имаше и детски колички и велосипеди. Детските колички ги даваме на семејства со бебиња, а немаат можност да купат колички. Тоа се користени, но се‘ уште употребливи колички и велосипеди, кои според мислењето на Царината, не припаѓаат во стока ослободена од давачки, така што бевме принудени да го истовариме шлеперот во нивните царински складишта. Ние како непрофитна, невладина организација, не остваруваме профит од она што го добиваме, а и немаме финансиски средства да ги плаќаме тие дневни лежарини и царински трошоци, така што камионите се вратија назад, помошта заврши на друго место, веројатно во Србија или не знам каде. Кога требаше да пристигне наредниот транспорт, луѓето ни кажаа дека не можат да ризикуваат повторно 5 дена да го чуваат транспортот во камиони и повторно да го вратат. Ние стапивме во контакт со Министерството за труд и социјална политика и очекувам, бидејќи луѓето навистина секогаш ни излегуваат во пресрет, дека и овојпат ќе го сторат тоа и ќе го ослободиме транспорот од царина. Барем јас се надевам, бидејќи тоа е за доброто на сите.“

Вие сте 20 години во оваа дејност. Кога би можеле да направите споредба, што е за Вас потешко – работата со социјално ранливите групи или соработката со институциите?

„Искрено да ви кажам, се‘ има своја тежина. Тешко се работи со жива материја. Тешко се работи со луѓе, бидејќи ранлива група, како што е ромската популација, а ние работиме со сиромашните, е тешка. Тешко е да се објаснат многу работи, тешко е да се истурка една работа до крај. Во споредба со институциите, да речеме и новите закони за образование, тешко се постигнуваат резултати, особено со описното оценување. Кога родителите дома ќе добијат сертификат, тоа за нив е поминато одделение, меѓутоа она што пишува внатре, некој треба да го протолкува и без нивен потпис детете не може да го повторува одделението. Затоа ни се случува во шесто одделение децата да бидат се‘ уште неписмени.“

Ситуацијата во невладиниот сектор сигурно се менуваше низ изминатиот период. Каква е вашата позиција како невладина организација денес во системот?

„Институциите ги следат законите и она што е наложено од Владата и ние тоа мора да го почитуваме. Се трудиме, со вложување многу напори, да излеземе на крај, меѓутоа сакам да кажам дека со институциите немаме некои проблеми, освен еве ова што ни се случи со хуманитарната помош. Генерално, училиштата секогаш ни излегуваат во пресрет, педагошките тимови во училиштата секогаш ни излегуваат во пресрет, значи соработката ни тече добро. Најмногу контакти има во врска со волонтерите. Кога почнаа волонтерите да доаѓаат, ние како органзиација на почетокот немавме искуство што се‘ треба да направиме за да дојдеме до еден странски волонтер. Со првите искуства што ги стекнавме, кога дојде првиот волонтер од СХЛ, ние започнавме со сите препораки според листата на Министерството за труд и социјална политика и ги добивме документите навреме, меѓутоа не ја знаевме процедурата со Министерството за внатрешни работи. Тука малку потешко ни одеше.“

Колку ви е потребна помош од странство?

„Ние како невладина организација во Македонија сме многу лимитирани со изнаоѓање финансии. Проектите што ние сакаме да ги реализираме, според потребите на населението, навистина чинат. За да помогнете на некого треба да се ангажира соодветен кадар, да се одржуваат просториите каде што ќе се реализираат активностите, треба да се анимираат децата и родителите, да се вклучат експерти, а тоа чини. Поддршка и пристап до фондови во Македонија нема многу, имајќи ја предвид кризата и транзицијата којашто многу долго трае кај нас, така што тешко доаѓаме до финансии. Сакам да изразам багодарност до нашата фондација (СХЛ, н.з.) од Берлин, бидејќи нејзиниот настап кон невладиниот сектор, кон нас како организација, не се стриктно административно процесуирани, туку тие се пријатели на организацијата. Минатата година ни дадоа можност да направиме сопствен развој. Оваа година не‘ финансираат за да направиме поголем...бидејќи сме во фаза на градење нова стратегија, на нови стратешки приоритети, на цело преструктуирање на организацијата, не‘ финансираат и ни даваат можност да се развиеме. Тоа не го прават сите фондации, верувајте. Она што е, грубо речено, битно е да се реализираат активности и секогаш имам чувство дека повеќе се гледа околу тоа како се реализирата активностите, а помалку се гледа кој ќе ги реализира. Значи таа администрација – да биде извештајот навреме, тој да биде во одредена форма, кога се работи со жива материја е... На хартија може да се напише се‘, но резултатите треба да се видат со некаква евалуација. Така што оваа година имаме нова стратегија, со три стратешки приоритети. Првиот стратешки приоритет ни е вклучување на децата Роми и поддршка во процесот на образование, вториот стратешки приоритет ни е работа со млади и третиот стратешки приоритет е помош на повратниците од западноевропските земји и нивна интеграција. Сега правиме проценка на потребите, за да видиме каде најмногу има потреба да се вклучиме со активности, за да постигнеме резултати. За жал во Македонија тешко се наоѓаат фондации коишто веќе финансираат развој на заедниците и многу ни е потребна поддршка од надвор за да може да ги резлизираме нашите стратешки приоритети и да им помогнеме на оние што имаат потреба од помош. “

Колку младите луѓе до Германија, волонтерите, се снаоѓаат во Македонија? Што тие работат за време на нивниот престој и колку можат да придонесат во работата на организацијата?

„Во зависност од капацитетот и интересите што ќе ги покажат од самиот старт – многу! Можам да ви кажам – многу! Нашето неискуство на почетокот, со првиот волонтер беше... Ние учевме преку него. Следната година, преку истата фондација пристигна Лена Гро Траутман. Таа стапи во контакт со ’КуКуК’-организацијата и направи проект, односни изгради игралиште во дворот на нашата организација од отворен карактер, каде што сите деца можат да играат. Кристијан, кога дојде на почетокот, имаше желба да се вклучи во рамките на Младинскиот центар. Тој работи многу со Младинскиот центар, организираше Зелени недели со децата. Најмногу сме среќни и поради тоа што тој се вклучи во развојот на организацијата. Имавме осум цели, од кои една беше да се направи проценка на потребите на популацијата. Тој се нафати да го координира тој дел и сега се надевам дека пред да замине ќе го завршиме заедно. Многу сме среќни што ги имаме волонтерите.“

Како тие се снаоѓаат овде, како се прифатени од луѓето со коишто работат, како се прифатени во средината за време не едногодишниот престој? Што би рекле Вие, посматрајќи од страна?

„Многу од оваа популација овде се луѓе што биле во Германија и тие се повеќе наклонети кон Германците. Еден дел од нив го зборуваат германскиот јазик, половично, или знаат по некој збор, така да се многу среќни кога ќе се сретнат со германскиот јазик. Децата што доаѓаат овде најчесто учат германски јазик на училиште. Тие се среќни што овде имаме луѓе од Европа, тие се добри примери за нив. Децата ги прифаќаат срдечно, многу ги сакаат. Ние сме исто така многу среќни. Самото снаоѓање на почетокот е организирано така што ’стариот’ волонтер, што веќе има искуство, го презема новиот волонтер и го упатува во текот на првиот месец. Значи грижата на почетокот, покрај менторството, ја има претежно претходниот волонтер. Веќе имаме утврден процес за учење на македонскиот јазик, а по еден месец волонтерот се вклучува во активностите, според програмите коишто се зацртани однапред и доставени до Министерство за труд и социјална политика.“

Колку брзо волонтерите се прилагодуваат на средината, на менталитетот? Со какви се‘ пречки се соочуваат на почетокот? Успеваат ли се‘ тоа да го совладаат со текот на времето?

„Апсолутно, досега не сме имале лошо искуство да не можат да ги совладаат пречките. Склопуваат многу брзо пријателства со нивни врсници, со студентите, имајќи предвид дека имаме и други волонтери од Европа во соработка со Волонтерскиот центар во Скопје... Мислам дека, барем јас имам таков впечаток, дека се среќни. Секогаш кога доаѓа нов волонтер се радуваме, а кога ќе замине... Ние некако се фамилијаризираме и многу ни недостигаат луѓето кога ќе си заминат. “

Колку Вие на персонално ниво можете да научите, да прифатите нешто од волонтерите?

„Младите носат свои иновации, нов начин на размислување, нови методи, нов методолошки пристап кон работите. Кристијан донесе многу. Неговата енергија што ја внесе, љубов кон нашата работа, желбата да се почувствува како дел од нас и ние да го чувствуваме навистина како дел од нас, е од клучно значење и за мене како личност и за целата организација, а се надевам и за него.“