1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

011209 Maschinenbau Energie

10 декември 2009

Во Копенхаген во тек е конференцијата на ОН посветена на заштита на климата, што будно ја следи и стопанството. Германската машинска индустрија е една од гранките, кои се залагаат за брзо постигнување согласност.

https://p.dw.com/p/KwSk
Фотографија: DW Montage picture-alliance / dpa

Германската машинска индустрија очекуваше од Копенхаген да произлезе конкретен договор и утврдени цели во заштитата на климата, кои ќе бидат обврзувачки за сите. Сега е разочарана, оти веќе никој не се надева на конкретни резултати од самитот во главниот град на Данска. Претстедателот на здружението на машиноградителите Манфред Витенштајн зборува за загубена година:

„Мислам дека мора да се стигне до спогодба, која ќе создаде исти услови за сите. Ако ние еднострано создадеме рамковни услови, тогаш ќе се истрчаме и нашиот придонес ќе биде релативно скромен за севкупната животна средина“.

Машинската индустрија со измешани чувства гледа на развојот во климатската политика: стравува, како и останатите производствени гранки, поради растечките цени на енергијата и издувните гасови, и истовремено се надева дека ќе биде меѓу добитниците во покерот наречен заштита на климата. Ако секаде во светот енергијата мора да се користи поефективно, ќе расте и потребата од модерни технологии. Торстен Хердан е раководител на Одделот за енергетска ефективност на Сојузот на германските машинопроизводители.

„Сметаме дека нашата задача е исполнета до тој степен, што имаме иновативни производи на пазарот, но тие се` уште не се комплетно во примена.“

Построги меѓународни правила - да, построги правила во Германија - не

Sondermaschinenbau Calvörde GmbH
Фотографија: picture-alliance /ZB

Машинската индустрија очекува дека построги стандарди за заштита на климата, што би важеле и за земјите во развој, ќе и’ дадат натамошен поттик на меѓународна побарувачка на релативно скапите германски технологии. Без такви стандарди, пак, германските машинопроизводители ќе се најдат во подредена положба поради високите трошоци за производство. Но, побарувачката мора да се зголеми и во домашни рамки. Со воведување на модерни технологии, во наредните десет години, според пресметките на здружението, Германија би можела да ги намали сегашните емисии на ЦО2 за една четвртина. Заштедената енергија може да ги задоволи потребите на осумдесет проценти од европските домаќинства. Досега, според истражувањето, се користени само четириесет проценти од потенцијалот за штедење.

Построги меѓународни правила - да; нови, построги прописи и интервенција на државата на пазарот во Германија - не: вака може да се сумира ставот на машинската индустрија. Во Сојузното министерство за економија имаат разбирање за ова, вели Детлеф Дауке, државен секретар за енергетски прашања:

„Ако погледаме во европски рамки, ќе констатираме дека во Германија имаме многу високи трошоци за струја, што делумно се должи и на мерки насочувани од државата. Мораме да внимаваме трошоците за струја да не ни станат попречувачки фактор во конкурентскиот натпревар. Тоа не му е никому од полза.“

Рамковни услови за идниот развој

10.03.2009 DW-TV Wirtschaft Made in Germany Maschinenbau
Фотографија: DW-TV

Можности за штедење на енергија Дауке гледа кај технологијата за електроцентрали. Најновите турбини на гас 55 проценти од енергетскиот потенцијал на горивото претвораат во електрична енергија, додека кај повеќето стари централи на јаглен тоа изнесува само околу една третина. Шефот на здружението на машиноградителите Манфред Витенштајн смета дека политичките дискусии се причина што во оваа област не е направено повеќе. Во браншата владее несигурност: атомската енергија - да или не? Нови термоцентрали на јаглен - да или не?

„Важен елемент е да ги знаеме рамковните услови под кои ќе се одвива нашиот иден развој. Тоа е предуслов, оти ако рамковните услови се несоодветни, сме инвестирале на погрешно место и би морале да ги отпишеме тие инвестиции. Ова не треба да се случи.“

Наредната година германската влада има намера да изработи енергетска стратегија. Машинската индустрија го чека тоа.

Автор: Матијас Белингер / Трајче Тосев

Редактор: Жана Ацеска