1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Надежи во новиот човек на чело на МААЕ

3 јули 2009

Владата на Јапонија го поздрави изборот на Јукија Амано за нов генерален директор на меѓународната Агенција за атомска енергија.

https://p.dw.com/p/IgP8
Јукија АманоФотографија: AP

„Имаме големи надежи во водечката улога на Јукија Амано во Меѓународната агенција за атомска енергија, бидејќи тој потекнува од единствената нација, што доживеа напади со страшното оружје“ - порача Томихиса Тауе, градоначалникот на Нагасаки, вториот од двата јапонски града што беа цел на напад со атомска бомба на крајот од Втората светска војна. Неговиот колега од Хирошима, Тадатоши Томихиса, пак, оцени дека „светот се наоѓа на крстосница, каде ќе мора да се реши: или сите држави ќе мора да се откажат од атомското оружје или сите ќе го поседуваат“. Тој потсети и на повикот на американскиот претседател Барак Обама за прекин на атомските проби во целиот свет, како прв чекор кон укинување на атомските арсенали.

IAEA in Wien
Седиштето на организацијата во ВиенаФотографија: AP

Во служба на мирот

Јукија Амано вчера беше избран за наследник на Мохамед Ел Барадеи, кој цели 12 години беше генерален директор на Агенцијата за атомска енергија. По добивањето на неопходното двотретинско мнозинство во Советот на гувернерите, Амано изјави дека ќе стори се’ што е во негова моќ за подобрување на добробитта на луѓето, за траен и одржлив развој, како и за мирољубиво користење на атомската енергија. Тој ги повика сите земји на светот на заедничка борба против ширењето на атомското оружје.

ГЧ/ЖА/дпа/афп

Редактор: Жана Ацеска