Надежите за примирје во Сирија се распрснуваат
10 април 2012Наместо повлекување на сириската армија од населените места, сликата во Сирија и натаму ја определуваат жестоки борби и нови воени операции. Опозицијата и активистите за човекови права известуваат за нови тешки судири, во кои загинале голем број луѓе. За дополнителен гнев се погрижија нападите кои од Сирија беа насочени кон бегалските кампови во Турција. Притоа, според турски извори, биле повредени повеќе сириски бегалци, но и Турци. Владата во Анкара остро го предупреди сирискиот режим да не презема натамошни напади. Турција на такво нешто ќе реагира со соодветни мерки, потенцираше министерството за надворешни работи во Анкара.
Генералниот секретар на ОН, Бан Ки Мун, уште еднаш го повика сириското раководство веднаш да ги запре сите напади насочени против цивилите. Претседателот Башар ал-Асад мора да ги исполни своите ветувања, на кои се обврза пред специјалниот пратеник на ОН и на Арапската Лига за Сирија, Кофи Анан. Временскиот план на Анан за примирје во Сирија, кој беше поддржан од Советот за безбедност на ОН, безусловно мора да се испочитува, порача Бан во Њујорк. И Кина и Русија потсетија на ветеното повлекување.
Според Анан, сирискиот претседател Асад се согласил за денеска наутро (10.04) да ја повлече армијата од градовите, со цел во рок до 48 часа ширум земјата да завладее прекин на огнот. Владата во Дамаск, меѓутоа, за време на викендот постави услови и порача дека трупите ќе ги повлече дури откако ќе добие писмени гаранции од бунтовниците дека ќе се откажат од насилство. Опозицијата критикуваше дека тоа е маневар на Асад за одолговлекување.
Западот пак стравува дека Асад го искористил времето по средбата со Анан за да ги истера бунтовниците од нивните упоришта. Хјуман Рајтс Воч го обвини режимот за произволни екзекуции во завојуваните провинции Идлиб и Хомс. Меѓу жртвите има и жени и деца, соопшти оваа организација за човекови права.