1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Набљудувачите на Арапската лига пристигнаа во Сирија

27 декември 2011

Арапската лига испрати набљудувачи во Сирија. Но, дали тие можат да го запрат сирискиот претседател Башар ел Асад да употребува сила против противниците на режимот? Извештаите од Хомс будат сомнеж во тоа.

https://p.dw.com/p/13ZcE
Фотографија: AP

Сириската опозиција побара набљудувачите од Арапската лига денеска задолжително да го посетат градот Хомс, упориштето на опозицијата, опколено од владините трупи, за да го запрат крвопролевањето. Според агенциите, и вчера, еден ден пред пристигнувањето на набљудувачката мисија на Арапската лига, биле убиени повеќе луѓе.

Луај Сафи од Сирискиот национален совет, најважната групација на политичкиот отпор апелира:

„Мора прво да го посетат Хомс, кој е под постојана стрелба. Се разбира, власта со нив ќе ги игра познатите игри, но набљудувачите се искусни луѓе, докажани експерти. Се надеваме дека ќе придонесат за заштита на граѓаните во Хомс, иако се‘ зависи од режимот“.

Syrien / Assad / Demonstration
Сириската опозиција бара заминување на Башар ал АсадФотографија: dapd

Жестоки борби во Хомс

Жителите на Хомс за арапските телевизиски станици сведочат за тешки борби меѓу армијата и бунтовниците и за бројни загинати. Една третина од вкупниот број 5 илјади жртви од почетокот на востанието во Сирија, според проценката на ОН, отпаѓа на Хомс. И покрај сите напори за прикривање на ситуацијата од страна на режимот на Асад, се добива увид во неа преку потресните сведочења на бегалците, како Ум Висам, која успеала да стигне во Јордан:

„Кога има протести во одреден кварт, казната стигнува за сите, војниицте доаѓаат со тенкови, пукаат и спречуваат снабдување со храна и гориво“.

Жителите потврдуваат дека сега од двете страни доаѓа употреба на сила, во Хомс со недели владее граѓанска војна. Се разгорува конфликтот и на религиозна база, Сунитите се борат против малцинските Алевити, на кои им припаѓа и претседателот Асад, се вршат меѓусебни убиства и грабнувања.

Главниот товар го носи цивилното население

Syrien Polizei und Militär Unruhen in Homs
Хомс е под постојанат воена опсадаФотографија: dapd

Сите надежи сега се во набљудувачите од Арапската лига, која по долги преговори и натегања со Дамаск го договори нивното испраќање.Тие треба да го надгледуваат и договорот за повлекување на тенковите и војниците од жариштата на отпорот и ослободување на политичките затвореници.

Режимот сепак успеа да издејствува набљудувачите да не смеат да влезат во т.н. „воено сензибилни“ зони, што е прилично растеглив поим. Опозицијата претпоставува дека таму се сместени затворениците за да бидат сокриени од набљудувачите. Клучно за успехот на набљудувачката мисија е прашањето дали опозицијата ќе попушти во одбивањето на дијалог со режимот, како што бара Арапската лига.

Автор: Улрих Лајдхолт/дпа/дв/ЖА

Редактор: Борис Георгиевски