1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

МФ: Кредитниот рејтинг останува стабилен

25 август 2011

„Нема промена во однос на способноста на Република Македонија за сервисирање на нејзините обврски кон странство“, велат од Кабинетот на македонскиот министерт за финансии и вицепремиер, Зоран Ставрески.

https://p.dw.com/p/12NTl
Рејтин агенцијата „Стандард и Пурс“Фотографија: picture-alliance/dpa

Оценката од новиот извештај на рејтинг агенцијата „Стандард и Пурс” за кредитниот рејтинг на Македонија, како што соопшти Министерството за финансии, се должи на промена на методологијата која агенцијата ја воведе од 30 јуни годинава. Со неа се менува пристапот на оценување на државите, според кој, разликата меѓу локалната и странската валута ќе тежнее да се намалува.

„Стандард и пурс“ во новиот извештај го намали кредитниот рејтинг за локалната валута на Македонија од ББплус на ББ. Оценката за странската валута останува како и досега, односно ББ (стабилен), што, како што се наведува во соопштението, значи дека нема промена во однос на способноста на Македонија за сервисирање на нејзините обврски кон странство.

Агенцијата „Стандард и Пурс“ вчера го намали рејтингот на Република Македонија за долгорочно задолжување во локална валута од „ББплус“ на „ББ“ за да може во рамките на промената на методологијата на оценување да го изедначи со задолжувањето во странски валути.

„Стандард и пурс“ во извештајот наведува дека е можно да се подобри кредитниот рејтинг на Македонија ако земјата презема адекватни мерки во врска со нејзиниот економски развој, намалување на високата невработеност, енергетската зависност и за подобрување на инфраструктурата.

Кандидатскиот статус за ЕУ е позитивниот фактор за подобрување на економската и политичката стабилност на земјата, но се‘ уште постојат ризици како што е можноста од меѓуетнички тензии и нерешениот спор со името со Грција, оценува „Стандард и Пурс“.

Автор: ЖА/АТ/миа/макфакс

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска