1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Муслиманските девојчиња во Германија можат да пливаат во буркини

Штефан Деге / Александар Методијев12 септември 2013

Можат ли муслиманските ученички да носат костум за капење кој го покрива целото тело, кога на часовите по пливање учествуваат и момчиња? Девојче од Франкфурт одбива да се капе без таков костум и води судска битка.

https://p.dw.com/p/19gOE
Фотографија: picture-alliance/dpa

Тоа изгледа како комбинација од мини здолниште, хеланки, блуза со долги ракави и марама - т.н. буркини се барани меѓу строгите верници муслимани, бидејќи овие костуми за капење оставаат многу мала можност кожата да дојде до израз. Моделите се во модерни бои и кроеви и се продаваат во специјализирани продавници, а секако и на интернет.

„Со задоволство би пливала, но со девојчиња“, одлучи една муслиманска ученичка во една гимназија во Франкфурт уште пред две години. Нејзината муслиманска вера и забранува да се покажува во костум за капење пред момчиња или мажи. Освен тоа, таа не смее и не сака да ги гледа своите машки соученици со гол дел од телото. Воопшто не било можно тогаш 11-годишното девојче да носи буркини. Затоа оттогаш со случајот се занимава судот.

Родителите на ученичката со мароканско потекло побараа нивната ќерка да биде ослободена од заедничките часови по пливање со момчиња и девојчиња. Училиштето тоа го одби. Родителите се обратија до Административниот суд во Франкфурт, но без успех. И Вишиот административен суд во Касел ја отфрли тужбата. Тогаш судот пресуди дека ученичката мора да учествува на часовите по пливање во буркини. Во ревизијата на процесот сега последниот збор го даде и Сојузниот административен суд во Лајпциг. Централното прашање е - кога Уставот дозволува ослободување од часови по пливање врз основа на слободата на вероисповед?

Symbolbild Justitia Justiz Gerichtigkeit
Судот се обиде да најде компромис меѓу уставно загарантираните права и обврската за образованиеФотографија: picture-alliance/dpa

Ајман Мазјек, претседателот на Централниот совет на муслиманите во Германија, за Дојче веле објаснува дека треба да се респектира доколку некој поради религиски верувања не сака да плива со машките соученици. Тој додава дека со овој случај „се тестира толеранцијата на општеството и подготвеноста да се направи она што Уставот го дозволува, а тоа е слободата на размислување и на вероисповед“.

Различно практикување на религијата

Јасемин Каракасоглу е заменик-ректор за интеркултурализам и интернационализам на Универзитетот во Бремен. Религијата за неа е приватна работа. Таа смета дека мора да постои рамнотежа меѓу религиозните верувања на поединците и образовните интереси на државата. Таа вели дека „религијата се интерпретира од луѓето“, па како што животот е разнолик, така е различно и практикувањето на религијата.

Слободата на вероисповед спроти задолжителното образование? Каракасоглу не гледа идеален излез од оваа дилема. Сепак, професорката се залага за некое практично решение. На пример, би можеле да се организираат курсеви по пливање за строгите верници мислимани.

Интеграцијата не може да се присили

Symbolbild Islam Kopftuch Muslime
Бројот на муслиманите во Германија е поголем отколку што се мислешеФотографија: picture-alliance/dpa

Адвокатот на девојчето од Франкфурт, Клаус Мајднер, во случајот „Буркини“ се повика на една пресуда на Сојузниот административен суд од пред 20 години. Во 1993 година судот пресудил дека е можно ослободување од часовите по пливање, ако училиштето не нуди родово одделни часови по пливање. Судиите во Хесен сега ја нагласуваат интеграциската улога на образованието. Според нив, учениците мораат да се подготват за плуралистичкиот и секуларен живот во Германија. Адвокатот Мајснер се спротивставува со тврдењето дека „заедничките часови не се неопходни за воспоставување на респективно однесување меѓу половите“. И професорката од Бремен, Каракасоглу, смета дека „интеграцијата не може да биде присилна“.

Буркини како компромисно решение

Муслиманските девојчиња можат да учествуваат облечени во буркини на заедничките часови по пливање со момчињата. Костумот кој го покрива целото тело е земен како компромисно решение, за да се почитуваат нивните верски чувства. Таква пресуда донесоа судиите во судот во Лајпциг. Тоа би било „практично решение меѓу задолжителното државно образование и уставно загарантираното право на религиозна слобода“.

Исламот, по христијанството, има најмногу верници во Германија. Истражување на Сојузната служба за миграција и бегалци покажа дека во Германија живеат меѓу 3,8 и 4,3 милиони муслимани. Во проценти претставено, од вкупното население во Германија меѓу 4,6 и 5,2 проценти се муслимани, што е повеќе отколку што претходно се сметаше.