1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Муслиманските браќа не се предаваат

Е.М.Фиданоска /дпа/ртр/ард15 август 2013

Стотици приврзеници на соборениот египетски претседател Мохамед Мурси денеска (15.08) го запалија седиштето на гувернерот во Гиза. Исламистите протестираат и на улиците на Александрија.

https://p.dw.com/p/19QaI
Фотографија: KHALED DESOUKI/AFP/Getty Images

Движењето нема да се смири се‘ додека „воениот пуч“ против Мурси не стане минато, напиша портпарол на Муслиманското братство на Твитер. Притоа, според него, исламистите ќе преземаат „ненасилни и мирни“ мерки.

Насилството во Египет ескалираше вчера, откако силите за безбедност расчистија два протестни кампа на исламистите во Каиро. Тоа беше најкрвавиот ден во Египет со децении. Министерството за здравство соопшти дека загинале 525 лица, а дека се повредени околу 3500. Муслиманското братство зборува за 3000 загинати. Во официјалната статистика влегуваат само мртвите кои биле пренесени во болница. Преодната влада воведе едномесечна вонредна состојба во земјата и полициски час во Каиро и десет други провинции.

Египетските судски власти денеска му го продолжија притворот на соборениот претседател Мохамед Мурси за уште 30 дена. Мурси беше соборен од власт од страна на војската на 3 јули. Тој сега се наоѓа на непозната локација под обвинение за убиство и шпионирање.

Ägypten Opfer der Ausschreitungen 15.8.2013
Министерството за здравство соопшти дека вчера загинале 525 лицаФотографија: Reuters

Обама ги откажа планираните американско-египетски воени маневри

Ескалацијата на насилство во Египет наиде на остри критики во светот. Американскиот претседател Барак Обама од островот Мартас Вајнјард, каде е на одмор, порача дека со оглед на настаните САД во моментов не можат да ги продолжат своите односи со Египет како вообичаено. Тој ги откажа традиционалните заеднички воени маневри со Египет и соопшти дека од Националниот совет за безбедност побарал мислење за тоа дали се неопходни натамошни консеквенци. Сепак, Обама нагласи дека САД сакаат и натаму да останат близок партнер на Египет.

Германскиот министер за надворешни работи Гидо Вестервеле оцени дека е неопходна кризна седница на европските министри за надворешни работи околу кризата во Египет. На средбата, како што нагласи Вестервеле, кој во моментов е во Тунис, би можеле да бидат договорени заеднички начини на дејствување. Вестервеле во изјава за германската телевизија АРД вчеравечер (14.08) побара крај на насилството во Египет. Тоа нема да остане „без последици“ по германско-египетските односи, изјави тој. Шефот на германската дипломатија изрази разбирање за оставката на египетскиот вицепретседател Мохамед Ел Барадеи, но додаде дека таа значи натамошно слабеење на политичкиот процес во Египет.

Ägypten Tag nach den Ausschreitungen 15. August 2013
Фотографија: picture-alliance/AP Photo

Папата се моли за Египет

Францускиот претседател Франсоа Оланд побара укинување на полицискиот час во Каиро и ослободување на уапсените припадници на Муслиманското братство. Мора да се стори се‘ за да се спречи „граѓанска војна“, изјави Оланд, кој инсистира на одржување нови избори во Египет најбрзо што е можно.

Турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган побара итна седница на Советот за безбедност на ОН. „Оние кои молчат за масакрот се исто толку виновни колку и оние кои го извршиле“, изјави Ердоган.

Генералниот секретар на ОН Бан Ки Мун најостро го осуди насилното расчистување на двата протетсни кампа на Муслиманското братство во Каиро и од сите страни побара да работат на помирување наместо да посегнуваат по насилство.

Папата Франциско повика на молитва за мир, дијалог и помирување во Египет. Тој се моли за сите жртви, нивните роднини, повредените и страдалниците, изјави папата пред верниците во својата летна резиденција Кастел Гандолфо.