1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мурси во ист затвор со Мубарак

Александар Методијев/ројтерс/афп27 јули 2013

Соборениот египетски претседател Мохамед Мурси, обвинет за убиство и други криминални дејствија, можно е да биде однесен во ист затвор сo неговиот претходник Хосни Мубарак. Ештон и Хејг ги осудија случувањата во Египет.

https://p.dw.com/p/19FBU
Фотографија: Reuters

Министерот за внатрешни работи на Египет Мохамед Ибрахим на прес-конференција денеска изјави дека одлуката за тоа каде треба да се чува Мурси, кој сега е на непозната локација за јавноста, треба да ја донесе истражниот судија. Прашан каде би бил однесен Мурси, министерот одговори: „Најверојатно во Торах“. Тоа е истиот затвор во Каиро во кој се наоѓа и претходникот на Мурси, Хосни Мубарак.

Египетската војска засега го чува Мурси на непозната локација, за да избегне привлекување на неговите поддржувачи и нови протести на тоа место. Симпатизерите на Мурси од Муслиманското братство веќе со недели протестираат против неговото соборување. Рано утрово дојде до судири со египетската полиција, во кои според информации од болнички извори загинале 75 лица, а според Муслиманското братство над 100.

Шефицата на европската дипломатија Кетрин Ештон денеска изрази „длабоко жалење“ за жртвите за време на демонстрациите во Египет и ги повика сите страни да се воздржат од насилство.

Gespräche über iranisches Atomprogramm 06.04.2013
Кетрин ЕштонФотографија: Reuters

„Ештон со загриженост го следи последниот развој на настаните во Египет и длабоко жали за загувата на животите за време на вчерашните протести. Таа исто така ги повикува сите актери да се воздржат од насилство и да ги почитуваат принципите на мирен протест и ненасилство“, изјави портпаролот на Ештон.

Осуда на употребата на сила против демонстрантите искажа и британскиот министер за надворешни работи Вилијам Хејг. Тој ги повика египетските власти или да ги ослободат или, пак, да ги судат сите политички лидери притворени по соборувањето на Мурси на 3 јули. Доколку се спроведуваат судски постапки, да нема никаков сомнеж за нивна политичка мотивираност, нагласи британскиот министер за надворешни работи.

William Hague Außenminister Großbritannien
Вилијам ХејгФотографија: picture-alliance/dpa

„Длабоко сум загрижен за последните случувања во Египет и ја осудувам употребата на сила против демонстрантите, што доведе до загуба на човечки животи“, стои во изјавата објавена од неговиот кабинет. „Ги повикувам египетските власти да го почитуваат правото на мирен протест, да се воздржат од употреба на насилство против демонстратите, вклучувајќи и отворање оган на нив“, додава Хејг.