1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мурси воведе вонредна состојба во делови на Египет

Јирген Штријак/ Александра Трајковска28 јануари 2013

Во Египет продолжуваат насилните протести. Претседателот Мохамед Мурси воведе вонредна состојба во погодените провинции.

https://p.dw.com/p/17SaL
Фотографија: Reuters

По четири денови молк, кога претседателот и покрај насилството во земјата ја користеше социјалната мрежа Твитер, но не му се обрати на народот, Мохамед Мурси излезе пред камерите.

„Во Министерството за внатрешни работи дадов јасни упатства, да настапат одлучно против секого, кој ја загрозува безбедноста на граѓаните и државната сопственост. Оној кој им се заканува на луѓе и користи оружје, оној кој блокира улици и ги загрозува редот и безбедноста, против него мора да се преземат остри мерки“.

Оние кои очекуваа дека претседателот ќе се произнесе за причините за гневот и фрустрацијата на луѓето, се разочараа. Наместо тоа Мурси најави драстични мерки. „За да се стави крај на крвопролевањето, за да се одбрани јавната безбедност од вандалите и лицата кои го кршат законот донесов одлука да воведам вонредна состојба во провинциите Порт Саид, Суец и Исмаилија во траење од 30 денови,“ изјави Мурси.

Ägypten Kairo Ausschreitungen 27.01.2013
Судири во КаироФотографија: Reuters

Додека трае вонредната состојба во погодените провинции исто така е воведен ноќен полициски час. „Единствениот пат напред води преку дијалог, нема друга алтернатива. Затоа денес, со оглед на лошата состојба во земјата ќе ги поканам сите политички сили во земјата на разговори, за да се разјаснат условите за дијалог“.

Детали претседателот не наведе. Портпарол на Националниот фронт за спас ја поздрави одлуката за воведување на вонредна состојба. Тоа е соодветна мерка за да се спречат немирите и криминални чинови, изјави Калед Давуд. Но, претседателот го игнорираше главниот проблем, односно неговата политика.

Националниот фронт за спас е сојуз од секуларните опозициони групи. Претставници на овој сојуз претходно се изјаснија, дека дијалог би дошол в предвид, доколку им бидат исполнети барањата. Кон ова се вбројуваат промени на уставот како и формирање на неутрална влада.

Од четвртокот минатата недела во Каиро, Александрија и многу други градови се одржаа масовни поротести. Тие беа насочени во прв ред против институции на Муслиманското братство и против владата. Повеќе десетици луѓе се убиени, пред се’ во градовите Порт Саид и Суец, кои во меѓувреме ги контролира војската.