1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Муижниекс по стапките на Хамарберг

Тони Гламчевски 2 април 2012

Летонецот Нилс Муижниекс од 1-ви април официјално ја презеде функцијата Комесар за човекови права на Советот на Европа. Тој на оваа функција го наследува Швеѓанецот Томас Хамарберг.

https://p.dw.com/p/14WE5
Фотографија: Council of Europe

За време на шест годишниот мандат (2006-2012) Томас Хамарберг како Комесар за човекови права на Советот на Европа посебно внимание посвети на одбраната на борците за човекови права во Европа, борбата против расизмот и дискриминацијата и посебно на заштитата на правата на националните малцинства, малцинските групи и мигрантите.

Конструктивни забелешки и препораки до Македонија

Хамарберг беше само во една официјална мониторинг-посета на Македонија во 2008 година. По посетата тој забележа дека Република Македонија последните години направила голем напредок, посебно кога станува збор за меѓуетничките односи и во напорите за спроведување на дело на Охридскиот договор. Сепак, тој тогаш беше принуден да признае дека забележаниот напредок може да биде засенет од негативната клима која се’ уште владее меѓу двете најголеми етнички заедници во земјата, исто како и од впечатокот во јавното мислење дека корупцијата владее во земјата, па дури и во правосудниот систем.

Во таа прилика тој забележа дека ромското население и покрај напорите за подобрување на неговата положба е најизложено на дискриминација.

Europarat
Советот на ЕвропаФотографија: picture alliance/abaca

Во 2010 година во писмото упатено до македонскиот премиер, Хамарберг сметаше дека е потребно македонските власти да изнајдат и спроведат трајни решенија за Ромите, посебно за бегалците од Косово, кои не сакаат и не можат да се вратат назад и сакаат да се интегрираат во Македонија.

На крајот на минатата година тој испрати сериозни забелешки до македонските власти поради мерките кои ги донесоа за да ги спречат граѓаните да побараат азил во земјите од Европската унија, слично како и другите земји од регионот.

Еден од ретките европски функционери кои го штитеа македонското малцинство

Истовремено Хамарберг на функцијата Комесар за човекови права, беше еден од ретките високи европски функционери, кој доследно ги бранеше вредностите и принципите на Советот на Европа, посебно во заштитата на правата на македонските малцинства во Бугарија и Грција.

Тој на повеќе пати изрази загриженост поради упорното одбивање на грчките власти да признаат дека во Грција постои македонско малцинство, осврнувајќи се и на тешкотиите со кои се среќаваат лицата кои сакаат да го изразат нивниот македонски идентитет во Грција.

PK Thomas Hammarberg im Nordkaukasus
Томас ХамарбергФотографија: DW

Тој упорно бараше доследно спроведување на пресудите на Европскиот суд за човекови права од страна на Бугарија во однос на македонското малцинство.

Последниот пат тоа го направи на почетокот на годинава, кога побара да се најде решение за регистрацијата на OМО Илинден- Пирин, согласно нормите на СЕ, како и барањето да македонското малцинство да биде претставено во бугарскиот Национален совет за соработка по етнички прашања и интеграција.

Македонскиот јазик ќе биде во ЕУ

Томас Хамарберг додека беше на функцијата Комесар за човекови права, не навлегуваше во спорот со името, но во официјалните документи и настапи тој секогаш го користеше терминот „Македонци“ и „македонски“.

Во последното интервју за Дојче веле, на оваа тема Хамарберг рече: „Неколку пати бев запрашан за мојот став околу името на земјата. Но, одлучив да не го кажувам јавно, бидејќи во основа тоа е политичко прашање. Мислам дека е исклучително жално што се’ уште нема решение, но слушам дека има дипломатски напори за негово решавање. Но, тоа е надвор од мојот мандат. Македонија кога еден ден ќе влезе во ЕУ, македонскиот јазик ќе биде таму“.

Муижниекс ќе се грижи за ранливите групи

Неговиот наследник, Нилс Муижниекс, вели дека во неговата работа ќе се потпира врз акциите кои беа спроведувани досега за ефективно почитување на човековите права во земјите членки на Советот на Европа. Тој сака да ја зачува независноста и непарцијалноста на неговото биро и дека ќе се грижи за така наречените ранливи групи, како за децата, жените, старите лица и хендикепираните. Нема да бидат заборавени ниту мигрантите и барателите на азил и бегалците, слободата на изразување и новите технологии.

Nils Muiznieks, Kommissar für Menschenrechte des Europarates
Нилс МуижниексФотографија: Council of Europe

За почитувањето на правата на малцинствата, посебно за оние кои не се признати како такви од државите и кои имаат многу тешкотии за да се изразат, Нилс Муижниекс за Дојче веле одговори: „Како претседател на ЕКРИ ние внимававме на сите малцинства, како на тие кои се признати од државите, така и на бегалците, мигрантите кои не се признати како такви од државите. Потоа тука е прашањето и предизвикот со Ромите, она што досега беше актуелно за Комесарот, тоа ќе продолжи да биде актуелно и понатаму“.

Муижниекс се надева во наредните шест години, дека ќе работи како со владите и омбудсманите, така и со невладините организации и претставниците на граѓанските организации и малцинствата од сите земји членки на СЕ.