1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мужниекс бара од Македонија да внимава на малите заедници

Тони Гламчевски7 декември 2012

Комесарот за човекови права на Советот на Европа Нилс Мужниекс за ДВ оценува дека македонските власти треба да се зафатат поенергично со елиминирање на факторите кои штетат на социјалната кохезија во земјата.

https://p.dw.com/p/16xOB
Фотографија: Council of Europe

„Првиот впечаток е дека тоа не е истата земја како пред единаесет години, кога беше потпишан Рамковниот договор. Има напредок, но остануваат и многу проблеми, а во некои области проблемите се поголеми од порано. Впечатоците ми се генерално позитивни, но видовме и работи што не ги сакаме“, изјави Комесарот за човекови права на Советот на Европа, Нилс Мужниекс за Дојче Веле по враќањето од неговата посета на Македонија.

„Општо гледано, застапеноста на малцинствата во јавната администрација добро функционираше. Сега многу Албанци имаат чувство дека се составен дел од државата, но потребно е многу повеќе да се внимава на малите заедници.“

Кога станува збор за дискриминацијата, Мужниекс нагласува:

„Мислам дека усвојувањето на законите против дискриминацијата се нешто добро и чекор напред, но Комисијата за борба против дискриминацијата нема ни секретаријат и нејзините членови се без административна поддршка.“ 

За Комесарот за човекови права едно од прашањата на кои треба да се посвети внимание е положбата на Ромите. Иако Ромите се претставени на политички план и има закон за борба против дискриминацијата, Комесарот за човекови права забележал дека социјалното исклучување, маргинализацијата и лошите животни услови се присутни и натаму. Тој бил посебно погоден од диспропорционалниот број на децата Роми, кои се ставени во специјални школски установи, наменети за деца со тешкотии во учењето. Децата Роми, според Мужниекс, треба да учат во вообичаените школски установи, а сегрегацијата на Ромите треба веднаш да прекине и да бидат преземени мерки за интеграција.

Nils Muiznieks, Kommissar für Menschenrechte des Europarates
Нилс Мужниекс бара да се посвети внимание на РомитеФотографија: Council of Europe

„Сегрегацијата во училиштата меѓу Албанците и Македонците е многу подлабока од пред десет години. Има многу малку контакти на теренот. Иако има позитивни примери, тоа останува голем проблем.“

Тој притоа е загрижен поради практиката на спречување на голем број Роми да ја напуштат земјата и да ја искористат можноста да патуваат без виза.

„Се сретнав со многу здруженија и НВО во Куманово, кои зборуваа за одземање на пасошите. Овие мерки можат да бидат спротивни со некои меѓународни норми, кои се однесуваат на слободата да се напушти својата земја и да се побара право на азил.“

На забелешката дека македонските власти го прават тоа за да го избегнат враќањето на визниот режим по барање на земјите членки на ЕУ, Мужниекс нагласува:

„Точно, европските земји, членки на ЕУ, вршат притисок врз властите на Макеодонија и Србија за да се справат со тоа прашање и да ја завршат ’валканата’ работа на лице место, за да немаат баратели на азил во нивните земји. Притисокот на ЕУ е огромен, за Владата на земјата безвизниот режим е најголемиот успех во последните години, но тие што страдаат се Ромите.“

Комесарот за човекови права на Советот на Европа вели дека бил информиран и за постоење на „серизона загриженост за начинот на кој се спроведува лустрацијата“.

„Со големо нетрпение го очекувам мислењето на Венецијанската комисија кое ќе биде готово во текот на декември. Мислам дека е предоцна донесен закон за лустрацијата. Во другите посткомунистички земји тоа беше во деведесетите години со цел да се заштити демократијата од евентуалните закани од старите режими. Во другите земји со законите за лустрација беше опфатен периодот до деведесетите години, додека во Македонија се оди до пред неколку години, што може да се искористи повеќе за политички борби отколку за заштита на демократијата.“

На прашањето дека македонското малцинство во дел од соседните земји и понатаму официјално се негира, Комесарот за човекови права објаснува:

„Може да се негира постоењето на малцинствата од официјална правна гледна точка. Но тоа не го менува фактот дека тие малцински групи постојат со сопствен идентитет, кој сакаат да го зачуваат и поради тоа тие не треба да бидат дискриминирани.“