1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мудис им се закани на големи банки од Европа и САД

16 февруари 2012

Меѓународната рејтинг агенцијата Мудис размислува за намалување на кредитниот рејтинг на 17 големи меѓународни банки, меѓу нив и на германската Дојче Банк.

https://p.dw.com/p/143xJ
Фотографија: picture alliance/dpa

Како причини за предупредувањето до големите банки од САД и од Европа рејтинг агенцијата Мудис ги наведе отежнатите услови за финансирање, засиленото државно регулирање на банкарскиот сектор како и генерално тешката состојба на финансиските пазари. Под будното око на аналитичарите од Мудис се и големите банки од САД- Бенк оф Америка, Ситигруп, Голдман Сакс, ЈП Морган Чејс и Морган Стенли. Во Европа рејтинг агенцијата го проверува бонитетот на вкупно девет банки, меѓу нив британските Барклис, ХСБЦ, Ројал Бенк оф Скотланд и француските БНП Парибас, Кредит Агрикол и Сосиете Женерал.

За германската банка Дојче Банк проверката на оценката за бонитетот на крајот би можела да води кон намалување на кредитниот рејтинг за два степени, соопшти Мудис.

На почетокот на неделата Мудис слично предупредување упати за три земји од Европа со врвен кредитен рејтинг од тројно А, Франција, Велика Британија и Австрија. Долгорочната прогноза на Мудис изгледа негативно за овие три земји поради зголемените финансиски и макроекономски ризици, кои произлегуваат од кризата во еврозоната. Во истиот потег агенцијата за кредитен рејтинг ја намали оценката за кредитоспособноста на шест земји од еврозоната - Италија, Португалија, Шпанија, Малта, Словачка и Словенија.

Автор: СН/ БГ/ ртр/ дпа

Редактор: Александра Трајковска