1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мугабе нема слух за критиките

29 јуни 2008

И покрај тоа што не се објавени официјалните резултати, претседателот на Зимбабве, Роберт Мугабе се подготвува денеска да поднесе свечена заклетва. Остри критики доаѓаат од Меѓународната заедница.

https://p.dw.com/p/EStN
Мугабе се прогласи за победникФотографија: picture-alliance/ dpa

Според најавите инаугурацијата ќе се одржи попладне во Хараре. Мугабе се прогласи за победник по вториот изборен круг во петокот, чиј легитимитет е оспорен од меѓународната заедница и на кој не учествуваше опозицијата. Претседателот сепак решил да му понуди примирје на лидерот на опозицијата Морган Цванграи. Го покани да присуствува на неговата инаугурација.

„Ова е знак дека претседателот сака да соработува со опозицијата“, изјави владиниот портпарол Џорџ Карамба за Си Ен Ен. Цванграи веднаш ја одби поканата.

Не стивнуваат критиките до властите во Хараре

Меѓународната заедница и африканските експерти најостро ги критикуваат изборите на кои Мугабе беше единствениот кандидат.

„Лажните избори се лоша вест за цела Африка“, изјави Молтеси Мбеки, заменик директор на Јужноафриканскиот институт за меѓународни односи, инаку брат на претседателот на ЈАР, Табо Мбеки.

„Сите се надевавме дека Африка тргна по демократски пат и дека Зимбабве се наоѓа на чело на тој пат. Сега сведочиме како и се врти грб на демократијата во таа земја. Претходно тоа се случи и во Кенија“, оценува Мбеки. И САД и ЕУ, остро ги критикуваат случувањата во Зимбабве и најавија санкции против властите во Хараре.

Туту побара да не се признае легитимитетот на Мугабе

Јужноафриканскиот надбискуп Дезмонд Туту ја повика Африканската унија, која утре заседава во Каиро, да не ја признава власта на Мугабе.

„Ако сте едногласни, и кажете господите Мугабе вие не сте добредојден на средбата, вие сте нелегитимен и нема да ја признаеме вашата администрација - мислам дека тоа ќе биде многу моќен сигнал и ќе ја зајакне позицијата на меѓународната заедница“, рече Тути за Би Би Си. Нобеловецот за мир, Туту додаде дека Мугабе не треба да игра никаква улога во иднината на Зимбабве и повторно побара, доколку е потребно, интервенција на мировните трупи на ОН во таа земја. Инаку, Мугабе е на власт во Зимбабве веќе 28 години.