1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мрачни прогнози за економијата, но и надеж

30 април 2009

Исто како и економскиот пораст, така и рецесијата е составен дел на пазарното стопанство. Германската влада ја објави пролетната прогноза за развојот на конјуктурата. Зошто рецесијата толку тешко ја погоди Германија?

https://p.dw.com/p/HgcI
Фотографија: BilderBox

На германската влада не може да и` се припише разубавување на ситуацијата, но не помага многу ни претерано црното прикажување на работите. Германската економија во тековната година ќе забележи пад од шест проценти. Економската криза најверојатно ќе ја погоди Германија многу потешко, отколку останатите индустриски земји. Има причини за ова, но и горки последици.

Ниту една земја не може да ја избегне актуелната економска криза. Тогаш, зошто Германија е толку тешко погодена? Германската конјуктура во најголема мера ја држи извозот, а во вакви услови, тоа претставува голема слабост за германската економија. Четириесет проценти од целокупниот економски профит земјата го остварува благодарение на извозот, што е повеќе од сите други големи индустриски земји. Ова е добро, во услови кога светското стопанство бележи пораст, но е лошо кога работите ќе тргнат наопаку.

Каде се слабостите?

Ситуацијата уште повеќе ја влошува посебната структура на германскиот извоз, кој во најголема мера се заснова на извоз на машини, инфраструктура, скапи автомобили, хемиски производи, или цели индустриски постројки. Во услови на светски економски бум, ова е голема предност. Но, во време кога насекаде се штеди и крати на инвестиции, ваквиот вид на извоз преминува во недостаток. Конечно, сега се покажа како слабост тоа што синдикатите со години наназад ја поткрепуваа конкурентноста на германските производи, со политиката на умерено покачување на платите. Со помош на ова, но и преку автоматизација и рационализација на производството, не само што опаднаа трошоците по единица производ, што многу им помогна на претпријатијата во меѓународната конкуренција, туку се разви и хронична слабост на домашната потрошувачка. Сега кај широките народни маси недостасуваат пари за домашната потрошувачка да може барем делумно да ги покрие загубите што ги нанесува намалениот извоз.

DW Hintergrund Deutschland Karl Zawadzky Leitung DP Wirtschaft
Карл ЗавадскиФотографија: DW / Christel Becker-Rau

Повеќратни загуби за државата

Последиците од рецесијата не се катастрофални само за претпријатијата, кои се жалаaт на акутно намалување на нарачките, и за работниците, за кои нема веќе работа, туку му штетат и на социјалниот систем и на правната држава. На фирмите им се заканува банкрот, на работниците - безработица. Експертите стравуваат дека ќе пропаднат еден милион работни места, а Германија ќе влезе во 2010 година со бројка од 4.6 милиони невработени. Државата, пак, ќе претрпи повеќекратни загуби. Како прво, драстично ќе се намалат даночните примања; како второ, трошоците за социјална помош за невработените, како и за останатите сегменти од социјалниот систем, значително ќе се зголемат. Вчера се ребалансираше буџетот, денес се отвораат касите за спас на банките и другите претпријатија, утре ќе стигне сметката за сето ова, во вид на рекорд - кога во прашање е државното задолжување.

Единствениот зрак надеж во прогнозата за конјуктурата се изгледите за крај на рецесијата. Првите знаци покажуваат дека негативниот тренд се намалува и полека се создава почва за стабилизирање на конјуктурата. Германската влада претпоставува дека германската економија наредната година ќе излезе од рецесијата и ќе забележи благ пораст, во прво време од 0.5 проценти. Ова е можеби малку, но во секој случај, подобро отколку ништо. Пред се’, земјата ќе се врати на курсот на економски раст.

Коментар: Карл Завадски

Превод: Трајче Тосев

Редактор:Жана Ацеска