1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

МПЦ: И во пеењето разногласие

23 април 2011

Покрај старото византиско пеење, Синодот на МПЦ одлучил во Богословијата привремено да се учи и пеење од оставнината на српскиот композитор Мокрањац. Враќање назад - неопходност или нов скандал?

https://p.dw.com/p/10u1B
Фотографија: Petr Stojanovski

Кон средината на минатиот месец на седница Синодот на МПЦ – ОА наводно донесол одлука за враќање на српското народно пеење по ноти од композиторот Стеван Стевановиќ-Мокрањац. Наместо источното православно византиско пеење, владиците одлучиле во Богословското средно училиште и на Факултетот по богословија во Скопје и во црковните храмови да се пее по Мокрањац. Владиката Тимотеј, портпарол на Синодот на МПЦ, за Дојче веле нагласува:

„Не сме донеле одлука да се исклучи или да се отфрли и да се престане со византиско пеење во црквите и манастирите во МПЦ, туку тоа продлжува онаму каде што се негува и луѓето го знаат и умеат да го пеат.“

Сепак одлука постои, признава и дообјаснува господин Тимотеј, делумно одделни класови во средното богословско училиште да престанат да учат визнтиското пеење:

„Се констатира од поголемиот дел на членовите на Светиот архиерејски синод, а одлуката се донесе едногласно, дека немаме соодветно оспособен кадар, којшто може пристојно да им го предава на учениците. Од прва до трета година повторно ќе се учи пеењето по Мокрањац, додека во четврта и петта година ќе се изучува старомакедонското пеење.“

Иако официјално никој не го известил за ваквите промени, композиторот доктор Јане Коџобашија, експерт за византиско црковно пеење, кое го предава на Богословијата, реагира:

„За судбината на старомакедонското пеење не може да одлучува само еден општествен сегмент, една институција. Тоа е прашање од висок национален и културен интерес. Мора да има поширок консензус околу судбината на тоа пеење.“

Новиот кадар се обучува во Солун, обелодени МПЦ – ОА

Mazedonien Sitz der MPC Mazedoniche Kirche in Skopje
„Младото крило“ на МПЦ наводно било против одлукатаФотографија: Petr Stojanovski

За кусо време, се` ќе биде по старо, смирува господин Тимотеј:

„Кога ќе се создадат кадри, а ние во моментов веќе ги создаваме, бидејќи посетуваат професионали училишта во Солун за византиско пеење, тогаш ќе се вратиме на изворното пеење, се разбира со македонски примеси.“

Одделни црковни лица и интелектуалци одбиваат јавно да го образложат огорчувањето. Тие велат Српската православна црква не не` признава, а некој носталгично не` турка во нејзините прегратки. Наводно „младото крило“ во Синодот на МПЦ било против, но било надгласано .

„Која е таа глупост, да се учи старото македонско црковно пеење од Климентовото предание во Грција? Таму се учи грчкото пеење. Владиците воопшто не знаат што зборуваат. Жал ми е што вака се изразувам. Во крајна линија сум должен да го бранам македонското црковно пеење“, вели Коџобашија.

Нема политика во „враќањето“ на Мокрањац

Frau in der orthodoxen Kirche in Mazedonien
Дали верниците ќе го прифатат пеењето по Мокрањац?Фотографија: Petr Stojanovski

Дали Мокрањац значи свртување? Нема никаква тајна политичка заднина во односите со СПЦ, категоричен е господин Тимотеј:

„Преговорите се на мртва точка. Откако дојде новиот патријарх во СПЦ, нема желби за контакти. Можеме да претпоставиме дека имаат свои внатрешни проблеми. Од наша страна има желба да продолжиме и спорот може да се реши само преку дијалог. Свесни сме дека се` додека не се реши политичкото прашање со името на нашата држава Република Македонија, преговорите со СПЦ би биле формални.“

Апсурдно е тоа што Мокрањац се исфрла и од српските црковни храмови, а МПЦ го враќа, коментираат добрите познавачи на сосотојбите:

„Убеден сум дека јавноста нема да го дозволи и македонските православни верници нема тоа да го прифатат. Верувам дека и во Синодот ќе преовлада мудроста, дека ние не можеме да се враќаме во српско или не знам во чие друго ропство“, вели доктор Коџобашија.

Автор: Милчо Јованоски

Редактор: Трајче Тосев