1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Моќта на поезијата е вечна

26 август 2011

На Мостот на поезијата на Црн Дрим синоќа беше запален фестивалскиот оган на Струшките вечери на поезијата. Струга деновиве е поетска престолнина на 150 поети од дури 70 земји од светот, како и стотина македонски поети.

https://p.dw.com/p/12NvP
Mагијата на поезијата и братството на поетите продолжува да живее во СтругаФотографија: Milco Jovanoski

Полувековното постоење на најстариот поетски фестивал на Балканот се одбележа свечено и првпат со оперска изведба на песната Т’га за југ на Константин Миладинов од тенорот Благој Нацоски на музика на композиторот Димитрие Бужаровски. Јубилејните 50. Струшки вечери на поезијата (СВП) за отворени ги прогласи македонската министерка за култура Елизабета Канческа-Милевска. Меѓу гостите беше и македонскиот претседател Ѓорѓе Иванов.

Краток историски осврт кон развојот на СВП даде Данило Коцевски и нагласи дека магијата на поезијата и братството на поетите продолжува да живее во Струга.

„Во едно златно време на нашата современа поезија, на една поетска експлозија која полека се ширеше и надвор од границите на Македонија, а за тоа голем придонес имаше и народната традиција... Струшките вечери на поезијата беа големо училиште на многу македонски интелектуалци и поети. Сите се одушевувавме од допирот со светската поезија, со светските поети, настани и имиња, со легендите како што се Пабло Неруда, Сенгор, Гинзберг, Тед Хјуз, Шејмас Хини и многу други“, рече Коцевски во својот говор за историјатот на СВП од 1962 година.

Златниот венец ќе биде врачен в недела

Свеченото отворање продолжи со стихови што ги читаа годинашниот лауреат Матеја Матевски и петмина поети кои се поранешни добитници на Златниот венец и кои за златниот јубилеј дојдоа во Струга - Хусто Хорхе Падрон од Шпанија, Васко Граса Моура од Португалија, Фатос Арапи од Албанија, Љубомир Левчев од Бугарија и Ференц Јухас од Унгарија. Утре (27.08) во Струга ќе им се придружи и Нанси Морехон од Куба. Се читаше и поезија од четворица добитници на Златен венец, кои се и нобеловци за литература - Пабло Неруда, Јосиф Бродски, Еуџенио Монтале И Шејмас Хини.

Јубилејното издание на СВП е под покровителство на УНЕСКО и викендов фестивалот ќе го посети и генералниот директор на ова тело на Обединетите нации, Ирина Бокова. Златниот венец на поезијата на академик Матеја Матевски ќе му биде врачен в недела, на затворањето на поетската манифестација. Тој е 46-тиот добитник на највисокото признание на фестивалот, кое се состои од филигрански изработен ловоров венец. Првпат му е доделен во 1966 на рускиот поет Роберт Рождественски  за најдобра песна, а од 1971 година, кога лауреат бил американскиот поет Вистан Хју Одн, Златниот венец се доделува за творештво.

Автор: АТ/ МЈ/ миа/ макфакс

Редактор: Е.М.Фиданоска