1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Моќта на НАТО драматично слабее

БГ/миа13 ноември 2013

Драматични предупредувања за состојбата на НАТО, поради економскaтa криза во Европа и кратењето на армиските трошоци, даде доскорешниот американски амбасадор во Алијансата Иво Даалдер.

https://p.dw.com/p/1AGhx
Фотографија: picture-alliance/Photoshot

Даалдер оценува дека способноста на Пактот да спроведе макар и мала воена операција, како онаа во Либија, е веќе сериозно доведена во прашање, а неговите капацитети се видливо помали од година во година.

„Отворено прашање е дали НАТО ќе биде таму кога ќе ни притреба во иднината. Досега НАТО успеваше да еволуира и да се адаптира, но прашање е дали ќе успее тоа да го прави и во иднината. Лошата вест е што по пет години, не е сигурно дали НАТО ќе може повторно да изведе операција од типот на онаа во Либија“, изјави Даалдер, кој е поранешен безбедносен советник на Бил Клинтон и Барак Обама. Според Даалдер, кој сега е директор на Советот за меѓународни прашања од Чикаго, операцијата во Либија, сама по себе, била релативно мала во споредба со мисиите кои НАТО можеше да ги извршува до неодамна.

„Воздушната операција во Либија претставуваше една петтина од операцијата во Косово. Во Сирија, каде планиравме интервенција, од почеток беше јасно дека тоа ќе беа пред се американски напади, не само затоа што некои сојузници не сакаа да учествуваат, туку затоа што, искрено, немаат капацитет како САД за напади врз земја со модерни противвоздушни системи. Европскиот капацитет е во опаѓање и не е на ниво за САД да можат да кажат дека имаат партнер“, изјави Даалдер, чиј настап во Атланскиот совет на САД беше најавен како конечна можност да се проговори отворено со сојузниците.

Ivo Daalder US-Repräsentant der NATO
Иво Даалдер и секретарот за одбрана на САД, Леон Панета (десно)Фотографија: AP

САД честопати ја прекоруваат Европа дека со постојаното кратење на воените буџети, се’ помалку е релевантна за глобалната безбедност. Даалдер укажа дека во 2012 година за првпат Азија ја претркала Европа во трошењето за одбрана.

Тој подвлече дека од 2000 година, европските земји скратиле третина од своите средства за одбраната, намалувајќи го процент на трошоци од бруто домашните производи од два на 1,3 отсто. Единствени три членки на НАТО, покрај САД, кои се’ уште трошат два проценти од БДП на одбраната, се Велика Британија, Естонија и Грција, за која Даалдер рече дека армијата повеќе ја сфаќа како програма за вработување луѓе, отколку како воена сила.